Со исклучителната француска претстава „Пиксел“ , во кореографија на Мурад Мерзуки од Франција вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот е спектакуларното отворање на овогодинешниот фестивал „Танц фест 2017“.
Претставата е вистинска светска атракција, тоа е спој на современ танц, хип хоп и врвна технологија на сцена. Според зборовите на кореографот „Пиксел е роден како проект, во кој тој ја претставува својата фасцинација од дигиталната технологија и создава свет во које не може да се разликува реалното од виртуелното“.
Мурад Мерзуки е една од водечките фигури на хип хоп сцената во Франција, создава синкретични современи дела во кои користи повеќе стилови, но и визуелни ефекти, боречки вештини, жива музика итн. Неговите претстави се исклучителни, со нагласена експресивност во сценската поставка и користење на телото и технологијата на 21 век.
На седумгодишна возраст Мерзуки посетува циркуска школа во Лион, во која што изучува и боречки вештини. На петнаесетгодишна возраст тој се инспирира од хип хоп урбаниот танц и почнува да кореографира, а во 1989 година ја оснива својата прва компанија „Акрорап“. Со своите современици тој работи на изнаоѓање на нов експресивен израз во танцот истржувајќи повеќе форми и жанри на танц, кои ги комбинира со современиот танцов израз.
Мерзуки во моментов е уметнички директор на Националниот кореографски центар во Кретел и Вал-де-Марне во Франција, функција на која стапува во 2009 година. Како уметник, тој е постојано во потрага по нови изрази и содржини. Како директор на Националниот кореографски центар во Кретел, тој поддржува млади и независни кореографи, а во 2013 година го оснива фестивалот „Калипсо“ на кој ги промовира водечките хип хоп танцови компании во Париз.
Гостувањето на претставата Пиксел е поддржан од Францускиот Институт од Скопје и Париз. Со оваа претстава во Скопје, Франција ја отвара сезоната и програмата на FranceDanse Orient Express, поддржана од Театроскоп, а фестивалот Танц Фест 2017, се одржува со поддршка на Министерството за култура на Република на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.