Со оглед на брзото темпо на модерниот живот, ретко кој денес може да одвои време и енергија за свежо подготвена храна, а остатоците се речиси половина од сите оброци на просечен вработен човек.
Иако нема ништо проблематично во довршување на вчерашната вечера или ручек, секоја храна не е добра за конзумирање вториот или третиот ден, посебно ако се подгрева или не се чува правилно, предупредуваат експертите.
На пример, конзумирање остатоци од ориз може да доведе до труење со храна, бидејќи со неговото готвење не се уништуваат сите патогени бактерии што можат да живеат во него. Ризикот од труење повеќекратно се зголемува ако оризот стои на собна температура.
– Еден патоген, Bacillius cereus е многу чест во сувиот ориз и може да претставува опасност по здравјето ако не го ставите оризот во фрижидер, туку го оставите на собна температура и потоа го јадете, вели доктор Бенџамин Чепмен од Универзитетот во Северна Каролина.
Таа бактерија често се наоѓа во тлото и храната, но некои нејзини типови се поштетни од другите и можат да предизвикаат пречки во варењето кое често го нарекуваме „труење од храна”.
Спорите на овие бактерии можат да преживеат готвење, а се размножуваат во храната која е оставена на собна температура.
Храна која не треба да се подгрева:
Целер, спанаќ и цвекло – со подгревање на овој зеленчук може да дојде до претворање на нитритите кои ги содржат во токсин кој има канцерогено дејство.
Печурки – протеините во нив се распаѓаат веднаш по сечењето. Ако подготвените печурки се стават во фрижидер и потоа се подгреат во рок од 24 часа, нема опасност при конзумацијата, но ако стојат подолго тогаш е опасно да се јадат.
Пилешко – протеинот во ова месо се менува со подгревањето, што може да доведе до пречки во варењето.
Компир – Може да биде „домаќин“ на бактеријата Clostridium botulinum, која предизвикува ботулизам. Брзо по подготовката, односно откако ќе се оладат, компирите треба да се стават во фрижидер ако планирате подоцна да ги јадете, а не е препорачливо да се подгреваат.
Варени јајца – ако ги јадете подоцна, никогаш не смеете да ги оставате на собна температура подолго од два часа, туку ставете ги во фрижидер. Во спротивно, во нив можат да се размножат бактерии.
Експертите како општо правило за конзумирање на останата храна го истакнуваат чувањето на храната во фрижидер во рок од два часа по готвењето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.