| четврток, 6 декември 2018 |

Романтично патување со Клајдарман

По пауза од осум години во Скопје викендов повторно гостуваше францускиот уметник со рекордна продажба на албуми Ричард Клајдерман (53). Светски познатиот пијанист во Македонската опера и балет (МОБ) не однесе на едно романтично патување и за момент не натера да уживаме во звуците на неговото пијано.

За сето време додека траеше концертот тој ја анимираше публиката, подарувајќи им на гостите нотни партитури, шамивчиња извадени од малиот џеб на неговото палто, кажувајќи шеги на симатичниот англиско-француски јазик. Клајдерман на пијано го придружуваше гудачки оркестар составен од музичари од Македонската филхармонија.

Освен „Балада за Аделина“, композиција која го направи светски познат, Французинот за скопската публика ги отсвири „Љубов во Париз“, „Патот за Венеција“, како и повеќе поп-евергрини од Елтон Џон и филмски теми од „Џемс Бонд 007“, „Индијана Џонс“; „Ѕвездени патеки“, „Професионалец“, „Невозможна мисија“ и други.

Клајдерман е познат како „Принцот на романтиката“, поради неговиот начин на изведба на композициите во свој романтичен стил. Во интервјуто за „Република“ Клајдерман изјави дека понекогаш е напорно да се биде принц на романтиката.

Настапот на познатиот пијанист во Скопје беше поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, а го организираше „Прагма продукција“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top