По три дена и тринаесет модни ревии, вчеравечер заврши петнаесеттиот Моден викенд Скопје кој се одржуваше во салонот „Порше Македонија“.
Последната вечер од тридевниот моден настан за сезоната пролет-лето 2017 година, ја отвори „Walone fashion group“ со колекцијата „Plumes et Perles“ инспирирана од убавината на пердувите и бисерите дополнета со рачно изработени детали. Станува збор за екстравагантни креации во розеви, бели и златни нијанси.
Несекојдневната ревија за чевли и чанти од „Paolo Bocelli“ презентираше модели со динамичен стил и дизајн според последните модни тенденции. Најновата колекција е достапна во продажните салони во Скопје, Тетово, Битола, Гевгелија и Охрид.
Ново име на Моден викенд Скопје е Сара Реџиќ која се претстави со колекцијата „Spring fairy“.
– Инспирација пронаоѓам во се што ме опкружува, во самата работа всушност. Секоја убава приказна знае да биде инспиративна. Пролетта како едно од најубавите годишни времиња е една убава приказна каде што со природата некогаш и ние цветаме – вели за својата колекција Реџиќ.
За крај на петнаесеттиот Моден викенд Скопје на групна ги видовме тројцата избрани финалисти од неодамнешниот натпревар „Fashion Scout SEE“: „Victor Kaiser“ со модни парчиња кои се трансформираат, „Shaleva Couture“ со колекцијата „Alice“ за есен-зима 2017/2018 и „Ана Марија“ со колекцијата 1WOMAN – “Throw me to the wolves and I will return leading the pack.” Станува збор за капсулни колекции кои на 28 март годинава беа презентирани на модната недела во Белград, заедно со финалистите од Србија, Словенија и Хрватска.
За најдобар дизајнер на петнаесеттиот Моден викенд Скопје е одбрана Силвија Михајловска која твори под етикетата „Alshar by Silvija Miha“ а за најдобра манекенка Горјана Кулишевска од модната агенција „Моделс Ин“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.