„Авантурите на Аладин“ во режија, адаптација и драматизација на Бојан Трифуновски е новата премиера на Македонскиот народен театар (МНТ) со која националниот театар сака да ја заживее детската сцена. Ова е втора претстава на МНТ, по „Силјан штркот шанца“ со која МНТ сака театарот да им го доближи на децата и на младинците. „Авантурите на Аладин“ е магична бајка во која режисерот Трифуновски сака да нагласи дека не е сѐ црно и бело, туку дека има и сиво и дека за секој човек вреди да се бориш.
Аладин е народна приказна од Средниот Исток, која ја превел Антоан Галан, а е дел од збирката „Илјада и една ноќ“. Кој беше вашиот мотив да ја поставите на сцената на МНТ?
ТРИФУНОВСКИ: Една од првобитните идеи на МНТ е да се возобнови детската сцена и режисерите што се вработени во театарот да направат нешто од детската класична литература. Разговаравме за многу текстови. Прво тргнавме со „Авантурите на Хаклбери Фин“ од Том Соер. Но, јас веќе имав направено драматизација на Аладин, која чекаше некое подобро време. Кога решивме првпат да направиме претстава за најмладите на големата сцена, Аладин беше најдобро решение бидејќи има сценско-визуелен капацитет. Што и да работиш од Аладин мора да има волшебна ламба, килим што лета и пештера. Сите текстови од светската литература за деца се занимаваат со тоа дека љубовта ја победува алчноста, духовниот е поважен од материјалниот аспект на живеење. Аладин ја одбравме поради тоа што се занимава со една култура што ни е блиска и далечна во исто време. Секако, не сакавме да се натпреваруваме со Дизни. Сакавме да ја раскажеме несреќната љубовна приказна меѓу Аладин и Џасмин, каде што едно дете од предградието на Техеран, кое има груби раце на возрасен маж од работа, краде леб за да преживее, не се откажува од идејата дека принцезата може да му стане жена. Потребата да се верува во сопствениот љубовен идеал е нешто што треба да се врати кај овие нови, микробранови генерации деца. Така ги нарекувам бидејќи се топли од надвор, а студени однатре. И јас сум родител, имам чувство дека новите генерации имаат недостиг од емпатија за човештвото. Денешните деца не се обидуваат да научат нешто. Имаат пред себе готови, инстант решенија. Имаш лек за сѐ, ако го прашаш „Гугл“. Таквата инстант сатисфакција дека имаш калкулатор во раката со кој многу брзо се стигнува до решение и нема потреба да се бара вистината. А самата потрага е тоа што е највозбудливо во детството.
Од Холивуд до Боливуд се снимени десетина филмски хитови, а своевремено голема слава здоби и британскиот „Багдадскиот крадец“. И во вашата претстава има филмски елементи.
ТРИФУНОВСКИ:Тоа не е чудно бидејќи јас сум човек што сака филмови, сака да слуша квалитетна нова и класична музика. Мојот метод на работа не е различен од принципите на мојот метод на однесување во општеството. Ако сум вљубен во идеја, ќе најдам начин да ја вметнам во претставата само поради тоа што ќе го засили дејството на претставата. Често користам различни медиуми.
Приказната за Аладин ги има сите елементи што гарантираат добра претстава: јунак што созрева низ разни настани, преубава принцеза, злобен противник. Дали беше лесно да се направи изборот на актерите?
ТРИФУНОВСКИ: МНТ е театар што константно работи две или три претстави паралелно. Добро е што сме на „слатки маки“ затоа што сме еден од најголемите и најталентирани ансамбли во регионот. Не мислам дека само правењето кастинг е поврзано со материјата. Направив кастинг што се базираше на принципот на семејство. Сакав луѓето што ќе учествуваат во проектот да бидат слободни и посветени. Се покажа дека луѓето што реагираа на семејниот принцип „најдобрата идеја победува“ добро поминаа во претставата.
Секој од нас би сакал еден ден да ја најде ламбата што може да ни исполни три желби. Но, дали животното искуство нѐ учи дека, сепак, најдобро е да си веруваме себеси и на својата моќ?

Никој не е исклучително лош и исклучително добар, вели режисерот Бојан Трифуновски
ТРИФУНОВСКИ: Тоа е едно од вечните прашања и на филозофијата и на начинот на кој гледаме на животот. Потрагата е тоа што е највозбудливо. Тоа што мене ме тера да работам, е што самата потрага е возбудлива. Принципот на тоа дека бараш макар една реченица да одекне во вечноста и во ушите на некое дете што првпат влегува во театарот, предизвикот дека треба да му ја вметнеш таа реченица да ја запамети, преку слика, песна реплика е сосема доволен мотив. Тоа што за мене е поразително, е што алиенацијата создава еден тип специфична катарза. Новите генерации, мислејќи дека ако гледаат филм за Нелсон Мандела дома, во еден часот наутро, спуштен на „Торент“ на лаптоп и заплачат на крајот на филмот, дека тоа е катарзата. Тие мислат дека гледајќи го филмот на некој начин помогнале во развојот на сопственото општество. Тоа не е така. Тоа е лага на филмската индустрија. За да се смени нешто, треба да тргнеш од себе. Во Аладин сакавме да нагласиме дека не е сѐ црно и бело, туку дека има и сиво и дека за секој човек вреди да се бориш. Никој не е исклучително лош и исклучително добар.
Ова е приказна што ги учи децата, но и возрасните дека треба да сакаат со срце и да го заборават материјалниот свет, барем за момент. Возможно ли е тоа?
ТРИФУНОВСКИ:Тие светови коегзистираат од кога постои човекот. Иста таква е и потребата за театар и потребата за подобар живот. Не може во ниту еден случај, додека не се исчисти овој принцип, што за мене е еден од најпогрешните на кои се базира нашата цивилизација, а тоа е неправилната распределба на моќ и на пари, каде што еден процент од светското население живее 400 пати подобро од другите 99 отсто. Во овој случај не е можно работата да се постави на здрави нозе. Но, бидејќи е во прашање дијалектика и жив организам, има искри на надеж, кои ни даваат за право да продолжиме и да веруваме и да се бориме дека порано или подоцна овој свет ќе мора да се соочи самиот со себе. Ќе мора да се удри по темелите на капитализмот, кој е убедливо најпогрешниот начин на функционирање со светскиот капитал. Кога ќе се случи тоа, а има индиции дека ние ќе бидеме живи сведоци на тоа, ако не се постави веднаш на здрави нозе од аспект на културолошки развој, наука, технологија, здрав живот, тогаш оваа цивилизација, како и многу други претходно, ја чека нужно распаѓање. Има една стара, клингонска поговорка: „Кога нешто ќе се обедини, нужно е да се растури однатре“. Значи, кога целиот свет ќе се обедини во алчната потреба за пари, нужно ќе се распадне однатре.
Ова не е ваша прва претстава за деца. Во театарот за деца и за млади ги работевте „Пат околу светот“ и „Пипи долгиот чорап“. Каков е предизвикот да се работат детски претстави?
ТРИФУНОВСКИ:Предизвикот е голем затоа што тоа е публика што мора точно да ја водиш низ нарацијата, со нив не смееш да си поигруваш и да користиш претенциозни професионални трикови за да стигнеш до одредено решение. Кај нив мора да биде точно и јасно и да продадеш и да создадеш магија.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 239. број на неделник Република кој излезе во печат на 31.3.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“