Годинашниот Танц-фест 2017 година ќе се одржи од петти до 25 април во Скопје и Велес под мотото „Биди свој!“ и ќе има извонредно интересни настани и претстави, со учество на уметници од Франција, Швајцарија, Кина, Словенија, Латвија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Русија, Чешка и Македонија.
Фестивалот ќе се отвори на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) на петти април, среда, во 20 ч., со спектакуларната претстава „Пиксел“ во кореографија на Мурад Мерзуки од Франција. Претставата е во продукција на Националниот кореографски центар во Кретел и Вал-де-Марне и во моментов е вистинска светска атракција, спој на современ танц, хип-хоп и врвна технологија на сцена.
Со оваа претстава во Скопје, Франција ја отвара сезоната FranceDanse Orient Express на Балканот, гостувањето е поддржан од Францускиот Институт од Скопје и Париз и Театроскоп, а целиот фестивал се одржува со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Танц-фест 2017 година во својата програма оваа година го вклучува Интернационалниот натпревар за млади кореографи „Танцлаб“ за кој најави излегоа во две специјализирани списанија за танц – Dance Europe од Британја и Dance for you од Германија и за кој имаше огромен интерес за учество.
На 7 април на сцената на Народниот театар Џинот во Велес во 20ч ќе се одржи првата полуфинална вечер на интернационалниот натпревар „Танцлаб 2017“ а на 8 април ќе се одржи Гала-вечер, во која ќе се прикажат петте финалисти одбрани од стучното жири. Воедно вечерта ќе биде изведена најновата премиера на Скопје танцовиот театар „Патот“ во кореографија на Антон Рудаков од Германија, добитник на „Златната пеперуга“ за најдобра кореографија на Танцлаб во 2015 година.
На 10 април на сцената на Македонскиот народен театар ќе ја видиме претставата „Од Цирих со љубов!“ на Универзитетот за убави уметности, од Цирих, Швајцарија. Претставата се состои од повеќе кореографии, меѓу кои е кореографијата на Адријана Данчевска од Скопје танцов театар, потоа Рено Вајсер, Емануел Сови и Барак Маршал, врвен кореограф од Израел. Ова е прво поголемо гостување на современа танцова компанија од Швајцарија во рамките на фестивалот Танц-фест.
На 12 април, на сцената на Македонскиот театар ќе видиме уште една премиера на Скопје танцовиот театар, насловена како „Кожа“, во кореографија на Матеа Киселичка, Адријана Данчевска и Рисима Рисимкин.
На 20 април на сцената на Македонскиот театар ќе ја видиме претставата „R.E.M. (Rapid Eye Movement) A dream section“ на Најн современиот танцов театар од Пекинг Кина, а фестивалот ќе се затвори на сцената на Народниот театар од Велес на 25 април со претставата „Колепка“, копродукција на повеќе европски фестивали и Кина.
Од 13 до 17 април во Скопје, во рамките на годинашнава програма „Танцуваме со Виталија“ ќе се одржи проектот „Инкубатор флоатинг“ во кој учествуваат деца танчари од осум до 12 години. Ова е прв проект од овој вид кај нaс, во кој студентите од Новиот танцов центар од Хаг, Холандија, пред нашата публика ќе ги претстават своите креации. Во рамките на оваа програма на сцената „Зебра“ ќе се одржат и повеќе работилници за танц на разни интересни теми: Energy bites! со Андријана Данчевска; Jazz with me! со Јакуб Мунко; Discovering Dance! со гостинката од Холандија Џоан ван дер Маст; Dancing Ninjicu! со Матеа Киселичка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.