Во овие историски моменти, кога опстанокот на нашата татковина е доведен во прашање поради грубо надворешно мешање во внатрешните работи во земјата, ние Македонците од Канада, изразувајќи длабока загриженост за случувањата, го повикуваме македонскиот народ и другите етнички заедници во земјата на единство, а политичките партии на разумно однесување заради заштита на унитарноста на државата, стои во декларацијата на македонската заедница од Канада испратена од вчерашниот втор по ред протест од пред Парламентот на провинцијата Онтарио во Торонто.
Декларацијата од организаторот – Македонската заедница во Канада ја прочита претседателот на Светскиот македонски конгрес за Канада, Боби Темелков, кој од говорницата порача дека историските искуства укажуваат дека секогаш кога меѓународниот фактор бил замешан во решавање на македонското прашање, биле носени решенија на штета на Македонците, без да се почитува неговата волја.
– Сега кога се доведени во прашање името, идентитетот, унитарноста и сувереноста на македонската држава, ние Македонците од Канада како нераскинлив дел на македонскиот народ укажуваме дека Македонија е држава на македонскиот народ како единствен носител на државноста, во која сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите, независно од социјалниот статус, етничкото потекло, верското уверување и партиската припадност; да се спречи секаков обид за федерализација и воведување втор јазик како службен на целата територија на Македонија и во меѓународните односи; да се отфрли секаква размисла за промена на името, знамето, грбот и химната – наведе Темелков.
Меѓу барањата во декларацијата се и повик до демократскиот свет да ја поддржи унитарноста и државноста на Македонија, да се стави крај на разговорите за името меѓу Македонија со Владата во Атина и безусловно продолжување на членството во ОН и во сите меѓународни организации под уставното име Македонија.
Припадниците на македонската заедница во Канада со порака и за итен попис на населението, да се отфрли владина коалиција којашто нема да ја почитува оваа Декларација, како и за семакедонско помирување и обединување, затоа што, наведуваат, силата е во единството, за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата.
Пред присутните, како што информираат од организацискиот одбор, говореа и припадници на повеќе организации на Македонцисте од Канада, а присуствуваа и осведочените пријатели на македонската заедница во Канада и Република Македонија, Исмаил Ватанер, претседател на Канадско-турската асоцијација и Медилин Зинијак, претседавач на канадската етничка асоцијација на медиуми.
Декларација од протестниот собир е испратена до Организацијата на Обединетите нации, ЕУ, Канада, САД, Руската Федерација, Народна Република Кина, Република Франција и Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска, како и до властите во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.