Во Македонскиот народен театар вечер со нова времена изложба посветена на ликовното творештво на Димитар Кондовски, во продукција на Музејот на МНТ, ќе бидат одбележани 72 години од изведбата на првата претстава „Платон Кречет“.
– Добар повод за апострофирање на уште еден ден за паметење во историјата на МНТ, но истовремено и во културната историја на Македонија, е 90 – годишнината од раѓањето на несомнено најголемиот и најпродуктивен портретист, сценограф, костимограф, илустратор, уметник и ликовен педагог – Димитар Кондовски. Една од темите кои го преокупираат е речиси хронолошкото портретирање на театарските уметници, со кои катадневно соработува. Така е создаден еден исклучително богат опус на „разговори-шепотења“ на уметникот со уметниците – скици и портрети на актери од сите генерации, со што Кондовски си го обезбедил местото на најголем хроничар на македонската театарска заедница, велат од МНТ.
Авторките на изложбата Јасминка Намичева и Екатерина Намичева преку годинашнава изложба ќе се обидат да откријат дел од „затскриениот свет“ на Кондовски, изложувајки првпат пред публиката портрети во најразлични сликарски техники, цртежи, сценографски скици, костимски анализи и прибелешки, од кои, како што истакнуваат од МНТ, се родиле големите портрети на „македонската Мона Лиза“- примадоната Ана Липша-Тофовиќ, авангардниот портрет на актерот Кирил Ќортошев, пенливиот лебед на примабалерината Натка Пенушлиска, алхемичарски магичниот портрет на учителот Никола Мартиновски, портретите на доајенот Трајко Чоревски…
Автор на фотографиите е Филип Кондовски, а стручен соработник е најголемиот познавач на делото на Кондовски, Емил Алексиев.
Во рамки на виртуелниот концепт кој го развива веќе неколку години Музејот на МНТ, и за оваа изложба ќе биде изготвена 360 витруелна тура, која ќе биде достапна на веб страницата на МНТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.