| четврток, 6 декември 2018 |

Албанскиот премиер не знае за мера: Рама изброи дека во Македонија има 35 отсто Албанци

Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за „Франс 24“ говореше за ситуацијата во неговата земја, но и во земјите од регионот и, вообичаено, не заборави да даде некоја изјава и за Македонија.

Овој пат Рама ѝ објасни на новинарката дека Албанците во Македонија не се малцинство, како што рече таа, туку дека се ентитет што сочинува 35 отсто од населението и додаде дека единственото нешто што соседите, односно Македонците, треба да го направат, е да го почитуваат Охридскиот договор.

Во Македонија нема албанско мнозинство, има албански ентитет, има повеќе од 35 отсто Албанци во Македонија. Единственото нешто што треба да го направи Македонија е да го спроведе Охридскиот договор – изјави Рама и уште еднаш повтори дека тие сакаат голема Европа, а не голема Албанија.

Ова е последната од низата изјави на албанскиот премиер што ја разбрануваа македонската јавност. Пред неколку дена тој за швајцарски медиуми изјави дека Тирана не ги негира македонскиот јазик и идентитет, притоа нарекувајќи нѐ Славомакедонци и додаде дека за нив е несфатливо зошто Македонците не сакаат албанскиот јазик да биде официјален на национално ниво, иако албанското население претставува речиси една третина од населението.

Можете ли да замислите такво нешто во Швајцарија? Француски како забранет јазик во федералните институции или судот – нагласува албанскиот премиер.

Рама во тоа интервју нагласува и дека Албанците биле, се и ќе бидат државотворна единица во Македонија.

Процентот на албанското население во Македонија долго време е тема на дискусија, не само во земјава и кај домашните политичари, туку и во регионот. Така, косовскиот претседател Хашим Тачи уште во 2013 година ја посочи истата бројка и рече дека во Македонија 35 отсто од населението се Албанци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top