| четврток, 6 декември 2018 |

Пожар на шума во Кривопаланечко

Кривопаланечките пожарникари речиси три часа го гаснеа денешниот пожар во атарот на село Борово, каде е опожарена површина од три и пол хектари мешана шума и трева.
– Дојавата за пожар во Територијалната противпожарна единица Крива Паланка е примена во 13 часот и пет минути од страна на дежурен полицаец од Полициска станица од ОН, Крива Паланка. Изгорени се 1,5 хектари ливади, сливи, бор и ореви и  два хектара дабова шума, мешана со багрем. Пожарот е целосно ликвидиран  во 16 часот и 30 минути, информира Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.
На пожарот е интервенирано со две возила  и шест пожарникари, во координација со Јавно претпријатие „Македонски шуми“ Подрачно шумско стопанство „Осогово“ и ЦУК.
-Во близина на пожарот се наоѓаше деградирана и мешана шума која постоеше опасност да биде зафатена поради силниот ветар и да се прошири кон куќите во непосредната околина, но интервенирано е навреме и истото е превенирано, додаде Коцевски.
Тој апелираше до населението да се  воздржи од палење оган на отворено и палење стрништа, што периодов е честа појава, а претставува опасност од предизвикување поголеми пожари, како и непроценливи штети.
Од ТППЕ Крива Паланка информираат дека и последниот пожар во  март бил предизвикан од несовесно однесување.
-Пожарот настана во селото Огут, опожарена е поголема површина трева и шуми, а дојавата беше примена околу четири часот изутрина на 30 март, рече Коцевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top