Ричард Клајдерман, светски познатиот пијанист викендов ќе одржи два концерти во Скопје во Македонската опера и балет (МОБ). Концертите почнуваат во 20,30 часот.
Францускиот уметник со рекордна продажба на албуми, кој го има популаризирано пијаното ширум светот е запишан во Гинисовата книга на рекорди како најуспешен пијанист со продадени над 90 милиони албуми во светот.
Клајдерман е познат како „Принцот на романтиката“, поради неговиот начин на изведба на композициите во свој романтичен стил. Тој е светски виртуоз кој ги полни салите и стадионите уште од 1976 година, кога неговиот прв сингл „Балада за Аделина“, компониран од францускиот музички продуцент Пол де Сеневил, достигна продажба од 22 милиони копии во 38 земји.
Оттогаш Клајдерман снимил над 1.000 мелодии, со што станал еден од најуспешните инструментални репродуктивци во светот, со продадени над 90 милиони албуми. На врвот од својата кариера реализирал 200 концерти за 250 дена.
Во интервјуто за „Република“ Клајдерман изјави дека понекогаш е напорно да се биде принц на романтиката.
Негови најпознати композиции се „Балада за Аделина“, „Љубовна приказна“, „Пијано концерт“, „Варшавски концерт“, „За Елиза“ и многу други. Ричард Клајдерман има издадено многу албуми со разновидна музика, од мелодии на популарни песни до класични изведби на пијано. Најчесто изведува композиции на Бетовен, Шопен и Моцарт.
На скопската публика ќе ѝ ги претстави своите безвременски композиции кои ја воодушевуваат публиката на сите континенти.
Настапот на познатиот пијанист во Скопје е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.