Албанија е единствениот сосед кој никогаш не го постави прашањето за државното име Македонија, ние не ги негираме македонскиот јазик и идентитетот.
Ние само бараме од владата во Скопје да ги почитува правата на Албанците во целост, истакнува албанскиот премиер Еди Рама во интервјуто објавено во швајцарскиот весник „Тагес-анцајгер“, во кое зборува за ситуацијата во регионот. Иако вели дека не го негира македонскиот идентитет, веќе во следните неколку реченици Рама н` нарекува Славомакедонци и бара албанскиот јазик да биде официјален јазик на национално ниво.
– Тоа е несфатливо за нас кога Славомакедонците го одбиваат албанскиот јазик како официјален јазик на национално ниво, иако албанското население претставува речиси една третина од населението. Можете ли да замислите такво нешто во Швајцарија? Француски како забранет јазик во федералните институции или судот – нагласува албанскиот премиер.
Интервјуто на Рама е објавено и во весникот „Дијалог плус“, кој е на албански јазик, а се издава во Швајцарија. Во верзијата на албански јазик го нема прашањето во кое Рама говори за јазикот, а истото стои во верзијата објавена во „Тагес-анцајгер“, за која „Дијалог плус“ наведува дека е скратена верзија од интервјуто.
Во верзијата на албански јазик е наведено дека Рама изјавил оти Македонија се наоѓа во уставна криза која неправедно им се припишува на Албанците и на Тирана. Истовремено, во верзијата во швајцарскиот весник е наведено дека Рама изјавил оти ситуацијата во Македонија би можела да излезе од контрола.
Рама неодамна изјави дека Македонија не може да постои без Албанците, потсетува швајцарскиот весник, додавајќи дека пораката на албанскиот премиер била протолкувана како закана од страна на македонските политичари.
-Ова е политичка игра и тоа многу добро го знаат тие што ја играат бидејќи Албанците не биле, не се и нема да бидат проблемот на Македонија. Албанците биле, се и ќе бидат државотворна единица, чии права не може да се третираат како услуги. Но, с` е една политичка игра која нема никаква врска со таканаречената тиранска платформа – тврди албанскиот премиер.
Во однос на платформата, Рама одговара и на прашањето дали бил замешан во нејзиното правење.
-Платформата е напишана и е одобрена од албанските партии. Јас имав задоволство и должност да им помогнам, не за платформата, туку да им помогнам за меѓусебната комуникација – вели Рама.
Албанскиот премиер во интервјуто говори за ситуацијата на Балканот и ризикот од промената на границите, за руското влијание, односите меѓу Албанија и Турција, како и недостигот од стратешка визија на ЕУ во регионот.
Говорејќи за критиките што Рама ги кажа за Доналд Трамп пред тој да биде избран за нов претседател на САД, албанскиот премиер вели дека неговите зборови биле само капка вода во морето.
Ако се затвори ЕУ-перспективата, ќе се отвори дебата за границите
Рама во интервјуто зборува и за границите на Балканот.
– Балканот нема да се занимава со своите граници додека верува во Европа и додека Европа продолжува да го мотивира Балканот како неотуѓив хоризонт. Ако се затвори европската перспектива, ако пропадне членството во ЕУ, тогаш на Балканот се отвора дебата за границите – вели албанскиот премиер, а пренесува „Дијалог плус“.
Албанскиот премиер јасно нагласува дека Турција е стратешки партнер на Албанија, но дека нејзината дестинација е ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.