| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжи собраниската конститутивна седница

Пратениците денеска ја продолжија конститутивната седница за избор на претседател, заменик-претседател, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Повторно беа искажани спротивставените ставови. ВМРО-ДПМНЕ се задржа на т.н. тиранска платформа и на предлогот да се оди на предвремени парламентарни заедно со локалните избори, а СДСМ обвини дека се прекршува и целосно се суспендира собранискиот Деловник со бројните реплики. Албанските партии, пак, уште еднаш повторија дека платформата воопшто не е тиранска, туку е нивен заеднички документ кој произлегува од барањата на албанскиот народ во Македонија.

По предлог на Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, претседавачот со седницата Трајко Вељаноски даде кратка пауза од 10 до 15 минути, време за кое пратениците треба да се договорат и искоординираат во кој правец ќе се движи дебатата.

– И денешната седница оди во несакан правец. Сите се залагаме за едно, а во практика спроведуваме друго. Затоа е добро да одиме на кратка пауза и да договриме во кој прваец сакаме да се движи расправата – рече Мукоски.

Претходно, дискусијата почна со Томислав Тунтев од СДСМ кој посочи дека  110 дена се крши собраниската процедура и 60 дена не може да се формира влада.

– Повеќе од два месеца граѓаните трпат недонесување закони, нерешавање на горливите проблеми. Колку и да повторуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, не можат да убедат никого дека има некаква платформа. Фактите и вистината не може да се сменат. Има програма на новата реформска влада, предводена од СДСМ и, притоа, ниту една одреденица во неа не се коси со Уставот – рече Тунтев.

Реплицираше Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Не е точно дека се крши процедурата. Ова е законски запазаена процедура во која пратениците може да зборуваат и да реплицираат, а платформа има -пишана во Тирана, потенцира Василевски.

Ферид Мухиќ симболично, преку приказна на стар мудрец, укажа дека е крајно време, како што рече, да се разграничи авторитарност и тоталитарност од демократија.

Ејуп Аљими од ДУИ, пак, повика да не се злоупотребува собраниската говорница со зборување за т.н. тиранска платформа.

– Т.н. тиранска платформа е програма на албанските партии во Македонија, а произлегува од волјата на албанскиот народ кој живее тука. Платформата е домашен производ, наша заедничка програма, на албанските партии во Македонија – подвлече Аљими.

И Шпреса Хадри од ДУИ напомена дека т.н. тиранска платформа, всушност, е заедничка декларација на албанските партии во Македонија чиишто точки во целост се совпаѓаат со предизборната програма на ДУИ и оттука воопшто не е постизборен документ.

– Да го зборуваме она што е факт и вистина. Ништо, ниту една точка во оваа платформа не е надвор од Уставот. Декларацијата е заедничка платформа на албанските партии во Македонија и со неа се бара рамноправност и имплементација на закони. Не провоцирајте ги и не охрабрувајте ги граѓаните со нешто што не е вистина – истакна Хадри.

Реагираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со став дека платформа има, независно дали е напишана или потпишана во Тирана.

Дискусијата продолжи со меѓусебни обвинувања околу кршење на Деловникот. Соња Мираковска од НСДП и Александар Кирацовски од СДСМ му предочија на Вељасноски дека дозволува низа беспредметни реплики, како и зборување за нешто што не е точка на дневниот ред.

Павле Богоевски дополни дека ВМРО-ДПМНЕ штити криминал, не дебатира, а Јагода Шахпаска од СДСМ дека се дозволува седницата да трае во недоглед.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top