| четврток, 6 декември 2018 |

Конститутивна седница: Се чека реченицата што може да значи крај на политичката криза

Дванаесеттото продолжение на конститутивната седница на Собранието почна со дискусија на пратеникот Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, кој порача дека сите веќе 12 дена чекаат да се изговори една реченица, која треба да ја изговори лидерот на СДСМ и треба да гласи „не ја прифаќаме и ја отфрламе тиранската платформа, бидејќи во овој момент не и одговара на Република Македонија“.

– Тоа е реченицата која може да значи крај на политичката криза. Дури 250.000 граѓани секојдневно се на улиците и не се согласуваат со тоа што го прави сега Зоран Заев со Република Македонија. Граѓаните сакаат манифест и не сакаат платформа и продлабочување на кризата – рече Стевананџија.

Тој посочи дека дури ни членовите на СДСМ не го поддржуваат раководството на партијата и тоа што, како што рече, го прави во моментов.

– Платформата е погубна за Македонија. Затоа луѓето апелирааат да не ја поддржуваме – потенцира Стевананџија.

Во реплика Владимр Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека владата во најава на СДСМ веќе е делегитимирана кај народот, дури и во дел од сопствените редови на партијата.

Неговиот сопартиец Антонио Милошоски, реплицирајќи додаде дека пред велигеднските празници не треба да се долева масло на огнот и дека пратениците деновиве треба да бидат внимателни што зборуваат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top