Стотици илјади граѓани на улица. Настрана, секој ден, настрана многу убав народ. А на „Павел Шатев“ направија утка. Повторно. Очекуваа или, подобро кажано, се надеваа дека сето ова ќе заврши за една недела, две максимум. Арно ама, направија лоша математика, не дека правото или економијата им одат. Феноменот на константното зголемување на бројот на разбудениот народ го вклучи црвениот аларм кај социјалдемократите.
На него, по правило, прва реагира Катица, која не успеа во својата дигресија. За нејзина жал, а уште поголема на СДСМ, никој нормален во државата македонска веќе не ја восприема како специјална обвинителка, ниту ја поврзува со правда. По толку многу месеци, „а – на“ за Заев и за СДСМ и уште повеќе глупости и неаргументирани предмети на „Т“, Катица доволно се избламира. За сите пари, би рекле, а многу пари завршија кај неа и во пустото СЈО, кое толку „благородно“ ни еден социјалдемократски колумнист, адвокат, професор или каков и да е друг неранимајко со сина крв не остави на улица. Бламирање број еден.
На повикот, најверојатно по грешка, а уште поверојатно по убедување, се јави и една академичка. Освен штета за себе, таа Катица не направи ништо друго. Бламирање број два.
И меѓународните емисари не завршија ништо поарно. Бенигниот притисок за прифаќање на кумот Заев и на неговите луѓе тирански, наспроти безобразниот молк за малигната платформа, си го стори своето. Контраефектот беше очигледен, а доказ за кажаното е бројката од двесте до двесте и педесет илјади граѓани на улица за време на посетата на Хан. Бламирање број три.
Третото бламирање по ред, според „комунистичкиот“ учебник, го активира последното, очајничко и неконвенционалното орудие. Соочен со несфатливиот, целосно неразбирлив одѕив на граѓаните, кои самоповикани енергично се вложија во одбрана на идентитетот и на Македонија, СДСМ не може, а да не го вклучи крајниот одбранбен систем. Според правилникот за итни случаи, доколку и тоа потфрли, следен чекор е самоуништување на седиштето, со сите странски депеши и нарачки од „чадорот.“ Така, специјалните единици на СДСМ излегоа на терен. САД ги има „Navy seals“, Русија „СПЕЦНАЗ“, Израел „ Mista’arvim “, Германија „Kommando Spezialkräfte“. СДСМ, пак, ја има својата „Фабрика“. Еден куп недоквакани никаквеци, медумски подобни подбуцнувачи и мршојадци, кои уште од времето со силен елан, нахранет со уште посилните финансии од Сорос и од амбасадорската компанија, беспоговорно одработуваат ли одработуваат. Колку целта е понационално освестена и помакедонска, толку е потешка и нивната артилерија. Во овој случај, ја извадија најтешката, затоа што досега не сме ни имале посвето од заложеното кај Заев и кај тиранистите.
Несомнено, очајничкиот крик за спас на Заев и на врхушката допре до нивните „професионални“ ува, кои од поимот професионално имаат само ПРО, ама СДСМ, а и тоа поттикнато од средствата на Сорос и на другите странски „донатори“, кои секогаш ѝ мислат „најдобро“ на Македонија, нели.
Фабриката забревта во три смени
Алармот на „Павел Шатев“ максимално ги заангажира творците на лажни вести. Ниту извртувачите не куртулија. Во „Фабриката“ се работи во три смени. Ако се сомневате за интензитетот на паниката, само погледнете го резултатот на сработеното, професионално, се разбира.
Доколу, во минатото, за една лага што ја протуркуваа по сите можни канали им требаше по еден-два месеца, сега „Фабриката“ е со вклучено „турбо“. Секој ден се добива најмалку по една тешка лага. Интересно, овој пат и пристапот е различен. Сега, главен експонент на лагата им стана најподобниот и најголем лажго. Па чуму да се малтретираат и да експериментираат со „нови момци“ кога го имаат Заев? Човекот што го засени Минхаузен, сега го достигнува и своето крешчендо. Што е право, и партијата го следи својот спасител, со несмалено темпо, што и не е толку лесно…
Нов ден, нова лага. Ова е новото мото на недоветните јуришници на СДСМ, кои во ширењето лаги и глупости видоа и побараа спас од народот, навредувајќи му ја интелигенцијата. Впрочем, позната матрица. Сѐ уште несвесни дека не живеат во омилените деведесетти, стратезите се залетаа со цела дузина лаги за само неколку дена.
Првата лага, која ги отвори чакрите на социјалдемократските идолопоклоници, беше коментарот на европратеникот Иво Вајгл. Лиферуваниот коментар, кој вклучи затвор и лидер на партија, ги стаписа сите. Да, токму „Република“ го имаше првото интервју со него по назначувањето за известувач од ЕП за Македонија. И во тоа писание, и општо досега, сите го сметаа Словенецот за умерен и коректен. Токму и затоа, кажаното „Груевски рече – ќе одам до крај, не ми се оди в затвор“ пренесено од сите „професионални“ медиуми удри по сетилата на познавачите. „Професионалците“ ликуваа, а СДСМ во бессознание од среќа пушти и соопштение и гротескно онанираше на „кажаното“: „Слушна јавноста во Македонија од пратеник од Европскиот парламент, кој беше дојден во Македонија заедно со еврокомесарот Јоханес Хан, дека Никола Груевски бил решен да оди ’до крај‘ затоа што не сакал ’да оди в затвор‘. Ова е потврда од самиот Груевски на сè што предупредуваме, дека тој исклучително за лични интереси ја продлабочува политичката криза. Недозволиво е граѓаните и Република Македонија да бидат заложници на стравовите на Груевски“, пренесоа од СДСМ, а во продолжение не заборавија да споменат и дека низ институциите на системот ќе бил избран новиот претседател на Собранието и тој ќе го известел претседателот Иванов дека е должен веднаш да му го даде мандатот за составување влада на кого друг, ако не на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Бре, бре, паднаа тешки емоции. Арно ама, пародијата ја прекина „студен туш“, лично од Вајгл. Никогаш не кажал такво нешто, изјави тој. Силна гревота за радоста социјалдемократска и на нивните медиумски подлизурковци, кои мислеа дека со евтина лага направиле пресврт со кој божем народот ќе го одвратат од улица. Да, играа на картата од пред дваесет години. Навика, лоша. Тогаш никој не ќе го прашаше Вајгл дали тоа што го „кажал“ е вистина. Немаше кој затоа што сите беа „нивни“. Сега, нормално, се случи истото и тие добија шлаканица. Таксират, ама пак несразмерен. Замислете само да се работеше за „Сител“, „Алфа“, ТВ „Нова“, „Република“… Две години ќе правеа скандали, ќе реагираа сите меѓународни, истоплатни и соросоидни организации од светот, па амбасадори, па чуда и врагови. Вака, ништо страшно, тие премолчеа и никому ништо. Затоа што сите знаат дека постојано лажат, ама за „повисока“ цел, враќање на власт, тоа било оправдано…
Дежави: Кога лагата го краси Заев
Не поминаа ни два дена од напишаното во медиумите и од патетичната реакција на СДСМ, а се обелодени нова лага. На слична тема. Повторно посетата на Хан беше во фокусот. А и излажаното по неа. Овде признанијата ги освои токму бестрашниот лидер, кој „без никаква причина“ се пофали дека ако се оформела влада (читај Тиранска), и Македонија почнела со реформи, Хан му ветил дека тогаш и ЕУ ќе се свестела за неправдата што ни ја прави и ќе ги отворела најважните поглавја во преговорите, 23 и 24, т.е. ќе почнеме преговори. Сите нормални и на тој, макар лажен, Ханов муабет помислија – аман, уште ли ќе нѐ мавтаат, како Турција, која по 30 години кандидатски статус доби закана од Брисел дека ѝ е загрозена интеграцијата во ЕУ?!
Макар што самиот муабет беше бесцелен, особено во време кога повеќе од 200 илјади луѓе на улица излегоа поради истиот тој Хан, кој одби средба со народот и покажа троен аршин, но и таа бедотија од фалба да ти била лага. Невистината што лично Заев си ја состави, му ја демантираше портпаролката Маја Коцијанчич. Таа сосема логично, објасни дека Хан никако не можел да го вети тоа бидејќи е надвор од неговите скромни ингеренции. За тоа, Заев, да ти решавал Советот, највисокото тело на ЕУ. Не Комисијата. Гревота.
Дефиниција за „професионалност”: Ако не можеш по сопствениот, удри по туѓиот лидер
Разбирливо, „професионалците“ си го одмолчеа и ова. На ниту еден соросоиден сајт на интернет, уште помалку на телевизија, не се појави информација за Заевата лага. Сосема оправдано и професионално, нели. Уште побезобразно, во одбрана на својот пулен и посакуван премиер, истите тие што два дена по ред се бламираа, лажеа и молчеа за глупостите на своите побратими со сина крв, во продолжение на прикаската и краен очај, засилен со паника, повторно лажеа. Затоа што тоа го знаат најдобро. Извртувачите, во потрага по дигресија (гарант Катица била недостапна во смокварникот кај Мрзенци) си најдоа оддишка во уште едно безобразие. По кого друг би удриле, ако не по тој за кој само пред два дена веста им се покажа како „ќор-фишек“?! Па, се разбира, по кого друг ако не по Груевски. И така, измислија дека, замислете, дента кога требало да се избира претседател на Собрание, тој избегал во Турција! Срамота, оценија, а, според нив, избегал од земјата поради криминал. Слично како и кај Вајгл, недоветните стратези од СДСМ и овде се надоврзаа и за само половина час по лиферувањето на лагата, партијата оцени: „Со денешното бегство од Македонија, Груевски уште еднаш докажа дека не го интересира државата, туку единствено му е важно да избега од одговорност“. Од СДСМ не „заборавија“ да кажат и дека со или без Груевски во државата, Македонија ќе добиела нов претседател на Собранието, мандат за составување влада и нова „реформска“ влада на граѓаните предводена од кој друг, ако не од СДСМ, нели.
А Груевски да ти одел на Малта на редовен состанок на Европската народна партија, најголемата во Европа, десничарската опција што ја раководи ЕУ и чијшто членка е токму ВМРО-ДПМНЕ. Замислете, гревот е дека летал преку Турција. Срамота, како не најде директен лет за Малта. Од ова произлезе и мотото на „професионалците“: Ако не можеш по сопствениот, тогаш удри по туѓиот лидер…
Крушата под круша, СДСМ под Заев паѓа…
Погоре кажаното, можеби, би било изненадувачко, дури и фрапантно, доколку не се работеше за Заев, СДСМ и нивните медиуми. Вака, сите се веќе навикнати на фактот дека од нив и не може да се очекува нешто друго. Најмалку вистината.
Само за потсетување, зборуваме за Заев, кој не го ни познаваше Верушевски, а се покажа и дека му купил компјутер, сакал и автомобил, за да избега, нели. Истиот кој со „бомби“ најави паѓање на Владата за три дена, а по речиси три години, кога полека му успева сценариото од „чадорот“, наиде на непремостлив проблем наречен НАРОД. Човекот што излажа дека во „бомбите“ ги нема Никола Груевски и Сашо Мијалков. Затоа што биле нарачатели, нели, а потоа се изнаслушавме монтажи со нив. Истиот тој Заев најави дека ќе ги „пука“ еден и пол месец – траеја повеќе од шест месеци. Варираше и бројот на прислушувани разговори. И тоа, според потреба. Откако ги фатија живи со Чаушовиот мега-скандал „Фабрика за афери“, во која нивни член подготвувал гнасотилаци за противниците, притоа фотографирајќи се со Заев и со Спасовски, се обидоа со дефокусирање на вистинската афера, па тврдеа дека МВР издало десетици илјади лични карти за избори?! Но тоа не е сѐ. Најголемите бисери паднаа „на страна“. Притиснат од преголемата улога и свесен за својата маленкост, лидерот „на двапати“ се отвори во странство. Очигледно, Фројдовиот комплекс на излегување на вистината на виделина по силен притисок, кај лидерот успева најмногу во туѓина. Пуста да остане. И Израел и Словенија. Излажа во Тел Авив, а го демантираше лично министерот Шалом. Потоа и неговиот кабинет. Но не ја научи лекцијата. Само еден месец потоа – излажа и во Љубљана, т.е. таму ја кажа вистината за тоа што со месеци лажеше во Македонија. Си призна дека „Диво Насеље“ е терористички напад и го спореди со Париз. Да, на 11 декември вечерта, излажа дека победил на избори…
Партијата го следи со несмален интензитет. Така, „Фабриката“ изнесе еден куп небулози, кои се докажаа како чисти лаги. Те 500.000 фантоми, т.е. 620.000 иселени Македонци, т.е. милијарди во долгови и што ли не. Едноставно, милуваат големи бројки, кои треба да ве убедат во лагата. Да, не заборавајте го интервјуто на „читачот“ Катица Јанева за МРТВ. Една од дефинициите на професионалец е дека тоа е човек што го вади најдоброто од себе дури и кога воопшто не му се работи. За социјалдемократските „професионалци“ дефиницијата е многу слична. Тоа се луѓе што го вадат најлошото од себе дури и кога не им се работи. А, реално, сите ги знаеме како најголеми неработници, закитени со толку многу лошотилак собран на едно место. Е, тоа ти е професионалец…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 239. број на неделникот „Република“, 31.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.