| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Биг бендот на ЗЏМ на Денови на македонска музика

Во рамките на 40. Денови на македонска музика, в сабота, во Дом на АРМ, 20 часот, Концерт на Биг Бендот на ЗЏМ (Здружение на џез музичари и слободни уметници на Македонија), со кој ќе диригира Џијан Емин
На концертот ќе бидат изведени композиции за биг бенд од основоположниците и најистакнатите претставници на џезот и популарната музика во Македонија – Драган Ѓаконовски-Шпато, Александар Џамбазов, Живојин Глишиќ и Кире Костов, а премиерно ќе прозвучат новите дела на композиторите Владимир Николов, Кокан Димушевски и Тони Китановски, наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството на култура на Македонија.

Здружението на џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ – Скопје, eневладина организација, основана во април 2016 година со цел да ги обедини џез музичарите од Македонија, и да ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата, но и надвор од неа. Здружението се залага за подобрување на музичката џез продукција, едукација на младите таленти и џез-ентузијасти преку организирање на џез фестивали и концерти, јавни дебати и настани, како и отворање на локали и центри во кои тие би се одржувале. Меѓу поважните проекти на Здружението се вбројува и „Летниот џез караван“, манифестација која се одржа летото 2016 година, а која резултираше со успешни концерти одржани во четири градови низ Македонија (Ресен, Виница, Охрид и Кавадарци) на кои настапија Дамир Имери Трио, Иван Иванов Трио, Тони Китановски Трио, Гоце Стевковски Септет, Летечки Пекинезери, Sethstat, Fierce, Kabadayas, Симон Киселички Трио и Сашо Поповски Трио, како и гостите од Србија – Фантастик Коалишн.

Биг Бендот на Здружението на џез музичари е состав во кој членуваат најафирмираните имиња од македонската џез сцена, кои веќе долги години ја градат својата кариера во земјава и надвор од неа, а веќе извесен период дејствуваат обединето преку Здружението. Последен проект на Биг Бендот беше „ZJM Jazz Orchestra plays Тhe Beatles“ под диригентското водство на Зиги Фајгел, диригент и професор на Универзитетот за џез во Грац беше оценет со мошне позитивни критики во медиумите кои го препознаа значењето што формирањето на еден ваков состав го носи во македонската култура. Во идните проекти на составот, покрај настапот на „Деновите на македонска музика“ се вбројуваат и концерти на манифестациите „Охридско лето“ и „Прилепски џез викенд“.

Како еден од водечките современи македонски музичари, Џијан Емин има стекнато солидна репутација ширум светот. Од прв хорнист во Македонската филхармонија до вешт изведувач на музички импровизации или џез, од диригирање со меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање музика за филм и театар, Џијан се истакнува во сиот свој сјај, секогаш додавајќи оригинален глас и беспримерна музикалност. Тој се јавува и како продуцент на неколку албуми, а бил и уметнички раководител на неколку музички фестивали. Меѓу неговите соработници спаѓаат светски познати музичари како А. Р. Рахман, Френк Лондон, Вилијам Паркер, Боб Стјуарт, Лука Аквино, Џанлука Петрела, Малколм Берн, Дерик Меј, Хуан Аткинс и Џеф Милс. Покрај неговата матична институција Македонската филхармонија, Џијан Емин е дел и од Белградската филхармонија, оркестарот „No Borders“, оркестарот „Исток-Запад“ и оркестарот „FAMES“ за филмска музика, каде делува како оркестратор и диригент.Како диригент има настапувано со Детроитскиот, Мелбурнскиот и Фламанскиот симфониски оркестар, оркестарот „Lamoureux од Париз, Симфонискиот оркестар на Кан, Белградскиот симфониски оркестар, со кои има изведено сопствени композиции и оркестрации.

Влезот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top