За пет месеци младиот актер Александар Михајловски оствари две главни улоги во Македонскиот народен театар (МНТ). Во претставата за младинци „Силјан штркот шанца“ во режија на Срѓан Јанаќиевиќ и „Авантурите на Аладин“ Михајловски ги толкува главните улоги. Неодамна, во Театар Комедија, неговиот матичен театар имаше премиера – „Сон на летната ноќ“ каде што го толкува ликот на Деметар.
Пет месеци по премиерата на „Силјан штркот шанца“ претставата е вистински хит на малата сцена на националниот театар, а „Авантурите на Аладин“ која се игра на големата сцена е новата бајка со која ќе растат новите генерации.
Дали Силјан Штркот е македонската верзија на Петар Пан?
МИХАЈЛОВСКИ: Ајде да речеме дека е, заради тоа што има моќ и да лета, ако така гледме на работите. Секоја улога е поврзана, може да најдеме сличност, но, сепак, Силјан и Петар Пан се различни.
Како е кога ја читаш лектирата за осмо одделение, а потоа, после една декада го толкуваш главниот лик?
МИХАЈЛОВСКИ: Тој момент е многу интересен, затоа што навистина, кога си дете ги читаш лектирите, ги замислуваш ликовите и сега јас ја имам можноста да го оживеам тој лик. Чувството е единствено. Да оживееш нешто само по себе, без разлика дали е Силјан или Аладин, е прекрасно.
Каков е светот на Силјан штркот? Сличен ли е она оној кој го живееме денеска?
МИХАЈЛОВСКИ: Силјан само сака да живее и да го сонува својот сон. Тоа го има и како реплика во претставата, во песната. Во секоја претстава може да најдеме дел од нашиот живот, ако сме доволно искрени со себе. Ако искрено ја погледнеме претставата, тогаш ќе ја сфатиме пораката која таа сака да ја пренесе. Она што му се случува на Силјан, се случува и во животот. А тоа е дека љубовта секогаш треба да победува, не треба да се биде алчен и само со вистинска работа и пот ќе заработиш пари, а не со лежење.
После Силјан штркот, на ред дојде улогата во „Авантурите на Аладин“. Можеш ли да ги споредиш ликовите?
МИХАЈЛОВСКИ: Кога би направил споредба меѓу двата лика единствената работа која би ја одвоил е во тоа што Аладин е млад крадец, вљубен во принцеза, а Силјан, за мене, е еден вид денешна верзија на децата. Силјан повеќе го доживувам како „татина маза“. Аладин не е таков. Тој се бори, а Силјан ја учи лекцијата за да дојде до целта, да сфати дека љубовта треба да победува и треба да го цени тоа што го има. Аладин знае што значи да бидеш сиромашен и да сакаш кралска ќерка, но се бори до крај. И двете претстави пренесуваат слична порака – дека секогаш треба да се бориме до крај за она што го сакаме, треба да веруваме силно во тоа што го правиме. Од Силјан би го извоил тоа дека секое дете само сака да живее и да го сонува својот свет. А од Аладин: Што свет е ова каде што не може со своите две раце да направиш нешто за себе?
Ова е втора главна улога за тебе во МНТ, во период од пет месеци. Како тоа се постигнува?
МИХАЈЛОВСКИ: Многу напорно. Постои момент кога луѓето ќе се презаситат од тебе. Не сакам тоа да се случи. Ќе се обидам да задржам ниво и да не и здосадам на публиката. Вработен сум во Театар Комедија и таму работев на еден проект. Ми беше напорно, но љубовта кон театарот не ми дозволува да се откажам толку лесно. Предизвикот како млад актер да сработам што повеќе е голем. Освен физичкиот напор, не ми беше тешко. Нема ништо поубаво, кога ќе ги насмеам децата, кога тие ќе ми дадат аплауз. Нека не ми се налутат постарите, но за нив немам толку голема верба.
Аладин е приказна за љубовта, за простувањето. Веруваш ли дека во секој човек лежи скриен добротвор, сродна душа?
МИХАЈЛОВСКИ: На овој свет нема лоши луѓе. Тоа е реплика од претставата „Мајсторот и Маргарита“, кога играв во замена. И јас верувам дека нема лоши луѓе на овој свет, само понекогаш работите се наместени така што ние мора да израгираме во одредена ситуација така како што реагираме. Не треба да се плашиме дали некој ќе ни суди, или дали ќе одиме во рајот или во пеколот затоа што ова што го правиме не е по наша волја. Ниту Силјан, ниту Аладин не го прават тоа по своја волја. ’Што свет е ова каде што поважно е како се викаш одошто правиш?’Овој свет е многу суров и тоа е пораката што ја испраќаат двете претстави. Без разлика каков е светот, треба да го живееме, бидејќи животот е еден.
Имаш ли подобра музика од колективното смеење на децата?
МИХАЈЛОВСКИ: Нема. Единствена работа која ме води и ќе ме води понатаму се децата. Бидејќи децата се публика која треба да ја „навлечеме“ на театар. Треба да станат зависни од театар, да го сакаат, да го разбираат. Затоа нема ништо поубаво од колективното смеење на децата и децата како сама појава по себе. Возрасните знаат да бидат со предрасуди. Го поминале животот и како одминува времето, тие отрпнуваат на смеа. Тие знаат да речат, еј, детска претстава! Не! Аладин е претстава. Силјан е претстава. Се зависи од тоа како ја доживуваш. Ако велиш дека Аладин е претстава за деца, ти веќе не си дете. Ти се веќе стар човек, а мене старите луѓе не ме возбудуваат! Ни треба млада енергија, нова крв, свежина. Ни треба нешто ново. Во „Силјан штркот шанца“ има една реплика во која Силјан вели: Што, другите луѓе немаат проблеми? Само вие имате проблеми? И другите имаат проблеми, ама не се жалат. Работат и си го живеат својот живот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“