Изгаснат е огнот кај воениот полигон Криволак, во непосредна близина на некогашното воено стрелиште, информира за „Канал 5“ раководителот на штипската канцеларија на Дирекцијата за заштита и спасување, Тодорка Атанасова.
Иако нема потреба од дејствување на канадерите, за Атанасова загрижувачки е фактот што во овој реон ветрот е мошне силен и постои можност повторно да го разгори огнот. Затоа, превентивно се очекува дополнителна акција на штипските пожарникари.
Пеплосани се повеќе од десетина хектари ниско стеблеста шума и суви смреки. За надлежните, пожарот не е голем, но е карактеристичен бидејќи тој е прв во ваква форма, што се покажал крајно опасен по безбедноста и животите на пожарникарите. Бидејќи дел од пеплосаниот терен е некогашно стрелиште, тука постојано во текот на вчерашниот ден се слушале детонации од заостаната муниција и други експлозивни средства, па затоа пожарникарите, од страв да не бидат погодени од заскитаните активирани куршуми шрапнели морале да се повлечат од огнената фронтална линија.
Во меѓувреме, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонски шуми“ и пожарникарите упатија апел до локалното население, да се воздржи од какво било движење во близина на опожарената територија, токму од потенцијалната опасност и тие случајно да не бидат повредени од детонациите на муницијата. Овој простор е даден под концесија и се очекува концесионерот понатаму да го реши настанатиот проблем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



