| четврток, 6 декември 2018 |

Бакалини: Точно е, одбивме понуда за Несторовски од Кина вредна 20 милиони евра

nestorovski

По новата квалитетна партија на Илија Несторовски, сега во дресот на македонската репрезентација учествувајќи со два погодоци во победата од 3-0 против Лихтенштајн, повторно актуелна е темата околу неговото заминување од Палермо.

Претседателот на Палермо, Пол Бакалини синоќа во изјава за италијанските медиуми потврди дека има интерес за ангажман на македонскиот репрезентативец, притоа информирајќи дека клубот од Сицилија веќе одбил една понуда за Несторовски од 20 милиони евра.

– Да, точно е дека имаше понуда од Кина за Несторовски во висина од 20 милиони евра но ја одбивме. Наша цел е да го задржиме целиот тим до крајот на првенството затоа што се уште веруваме во опстанок. Затоа одлучивме да не се разделиме со играч како него – вели Бакалини.

– Несторовски веќе се издвојува како симбол на Палермо, симбол на нашата борба, и вистински репрезент на победничкиот менталитет. Разговарав со него и се гледа дека е извонредно момче со цврст карактер. Му го презентирав нашиот проект околу иднината на Палермо и мислам дека и Несторовски верува во него – дополнува претседателот на Палермо.

Палермо се соочува со испаѓање од Серија А сезонава. И покрај тврдењата од клубот, италијанските медиуми веќе потенцираат дека Палермо, доколку испадне во Серија Б, тешко дека ќе може да одолее на некоја од понудите за трансфер на Илија Несторовски. За неговите услуги од претходно се заинтересирани Атлетико Мадрид, Наполи но и Фиорентина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top