Македонија, и низ вековите без МАНУ, и со МАНУ денес – ќе го преживее неговото соучесништво во антимакедонските агенди. Колективната и индивидуалната свест на просветлениот македонски народ не зависат (само) од академските ѕидови, особено ако тие немаат мостови кон народот и се сопствена антитеза, вели универзитетската професорка во пензија Марија Емилија Кукубајска во интервју за „Република“ по повод десетгодишнината од формирањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Кукубајска е една од основачите на институцијата во која работи во периодот од 2007 до 2016 година како раководителка и основач на центарот за странски јазици, професорка на катедрата за англиски јазик и литература и составувач на предметните програми за англо-американска литература, култура и цивилизација. Таа е членка на повеќе меѓународни академии, со години живеела и работела во САД каде што раководела повеќе образовни институции, а како писателка и поетеса зад себе има повеќе од 200 научно-стручни и културолошки истражувања. Кукубајска смета дека научната јавност во Македонија недоволно јавно ги брани националното име и идентитет на Македонија, а академската левица ја гледа како предводник и на професорските пленуми и како пропагатор на нетрпеливост против „другоста“ ако таа не е „лева“ како нив.
Вие сте членка на повеќе меѓународни академии, со години имате живеено и работено во САД каде што сте раководеле повеќе образовни институции, а како писателка и поетеса зад себе имате повеќе од 200 научно-стручни и културолошки истражувања. Колкава е одговорноста на институциите и на научно-образовните работници во една држава во насока на развој и на одржување на националната свест кај граѓаните, пред сѐ кај младите?
КУКУБАЈСКА: Одговорноста е огромна и со трајни последици: образовни, професионални, идејни, културолошки. На пример, програмата Еразмус има мисија идеолошки да форматира лојални застапници на глобализмот и на ЕУ, со нов лексикон и правила на радикализмот на западната левицата. И Фондацијата „Фулбрајт“ е идеолошки заснована, ја менува својата мисија: за разлика од 1975 година, кога на приемниот испит за Фулбрајтова стипендија преферираа да не бидам комунист, иако доаѓав од социјалистичка земја водена од Сојузот на комунисти, денес „Фулбрајт“ инсистира стипендистите од САД и за САД да бидат првенствено левичари.
Денес западните кампуси имаат дополнително радикализирани идеолошки цели на меѓународен план: да ги индоктринираат студентите од останатите светски „заедници“ со латентно субверзивни или со манифестно директни методи и светоглед. На западот, пред сѐ, сега сѐ е идеологија, политика и бизнис, додека официјалната политика на глобалниот светски поредок го убедува младиот интелект дека не смее да постои национална свест – за да не стане националист (?) или дека постоењето граници меѓу државите е надминато бидејќи сите култури треба да имаат генерички, заеднички јазик, а сите жители на планетата да се граѓани на светот во, наводно, „отворено општество“. Во тие утописко-дистописки хипотези за нова распределба на власта, образованието и науката регрутираат доброволни заробеници на тоталитарната хипноза и на хистеријата на нетолерантност кон национална, патриотска (татковинска) свест. Тоа се случуваше минатиот век на американските и на европските либерални кампуси со секуларно образование, тоа води до очигледни деструктивни општествени процеси и дегенеративни карактеристики на индивидуата.
Зошто голем дел од македонскиот народ сѐ уште не може да ја препознае опасноста по опстанокот на државата? Не му е важно, премногу е прост/необразован (како што редовно го нарекуваат Соросовите платеници и левичарите) за да ги прочита нечесните намери на меѓународната политичка сцена или, пак, е заблуден од силната антимакедонска пропаганда, која во континуитет е присутна на овие простори повеќе од еден и пол век?
КУКУБАЈСКА: Зар не е тоа катастрофален парадокс! Мојот сакан македонски народ да е поделен до братоубиствена нетолеранција и слепило, кое како да трае уште од ослепувачката политика на Василие II против другиот македонски цар, Самуил, или на комунистите против некомунистите. Тој дел од македонскиот народ што не го препознава мечот што му виси над главата е, пред сѐ, дел од масата индоктринирана од комунизмот, сега морфирана во уште посилни новолевичарски суштества преполни омраза. Друг дел од таа „лева“ маса што е потпишана да ги поништува историските права на Македонија е, всушност, нарцисоидната, самопрогласена „елита“,која им ги вади очите и душите на своите сограѓани преку медиумската и преку законодавната, судската и извршната власт, и сега преку вонинституционалната власт на невладините организации. Таа отуѓена левичарска маса и нејзината елита се десензитивизирани до степен на безмилосно, бескомпромисно непријателство кон сопствениот народ за да се докажат пред западните работодавци дека се лојален следбеник на глобалните антимакедонски деконструкции на Македонија и дека ги задоволуваат своите криминални апетити. Тоа е тој ист синдром на анегдотски корумпираното, сервилно и предавничко македонско ткиво, кое им служело и на грчките фанариоти и на бугарската егзархија и на големосрпската хегемонија и на албанско-националистичкото профитерство од слугување на западните сили.
Некогашните западни филозофи атеисти, секуларисти, интернационал-социјалисти (комунисти) или национал-социјалисти (фашисти), сега се глобалисти што и меѓу македонскиот народ овие 25 години се трансформираат низ неокомунистичките процеси. За глобалистите светот е сечија и ничија, освен нивна територија. Нивните официјални центри на влијанија и на распределби на моќ што ги следат вообичаените текови се предавани и продавани и како неминовни промени и процеси, кои љубовта кон татковината, фамилијата и Бог, ја убиваат со едно маркирање – дека таквата љубов е атавизам, рудимент, некурентна вредност, која треба да стане надминат однос кон државата, нацијата, семејните вредности, верата.
Голем дел од научната јавност, пред сѐ тука мислам на академиците од МАНУ, многу пасивно ги следат политичките случувања во државата, особено во врска со нападите врз идентитетските белези на македонскиот народ. На што се должи ваквиот однос? Дали тоа може да се толкува како еден вид соучесништво во обидот за бришење на идентитетот на Македонија од страна на домашните предавници и странски фактори?
КУКУБАЈСКА: Зар тие што со децении се подготвуваа за оваа гозба врз поделените остатоци од Македонија, зар тие што смислено, со децении пишуваа, политизираа, предаваа на универзитети постмодернизам и поништување на историјата, религијата, традиционалната етика, зар тие исти заговорници против десницата на овој свет – да се откажат од својата левичарска цел: уништување на, според нив – стариот свет?! Зад нивната пасивност мислам дека се прикрива нивната мината и тековна актива детерминирана да им ја испорача Македонија на немакедонците како блудната Саломе, која на царот му ја испорачала на чинија главата на праведниот Јован. „Пасивноста“ на МАНУ, според многумина македонски и странски академски и други умови, значи прикривање на активното и долгорочно соучесништво во глобалното бришење на границите. Но Македонија, и низ вековите без МАНУ, и со МАНУ денес – ќе го преживее неговото соучесништво во антимакедонските агенди. Колективната и индивидуалната свест на просветлениот македонски народ не зависи (само) од академските ѕидови, особено ако тие немаат мостови кон народот и се сопствена антитеза.
Дел од академиците одат до таму што држат политички говори во кои користат исти фрази и реченици како политичарите. Дали научната јавност е на ниво да одговори на предизвикот со кој се соочува Македонија денес?
КУКУБАЈСКА: Идеологија, идеологија, сѐ е идеологија и нејзина политичка, индоктринирана суета! Не мислам дека научната јавност се научи да биде јавна во одбрана на националното име и идентитет на Македонија бидејќи и во Македонија левицата и нејзината наднационална интернационала ги брани агендите на другоста, а ги жртвува потребите на народ, на Македонците, на нивната татковина и држава. Академската левица е предводник и на професорските пленуми и е пропагатор на нетрпеливост против „другоста“ ако таа не е „лева“ како нив. Кредото на левичарската, во суштина, комунистичка идеологија, е дека е предодредена засекогаш да владее и манипулира со умот и со објективноста, да „дели памет“, да дели материјални ресурси меѓу себе, да го распродаваат патриотизмот сѐ до негово исчезнување.
Истите тие академици им служат на повеќе „богови“, на глобалните, материјалистичките, макијавелистичките, информатичко-технолошките санкции против слободата и мирот, човековите права и правдата, додека хипокритично дејствува само во нивно име. Тоа им е јасно на повеќето академски и неакадемски успешни критичари на левичарската академија во светот. Како може одредена академска јавност да ги брани државата и народот на Македонија ако нејзината цел е испорачување на главите на Македонците на чинија, за апетитите на светските политичко-финансиски и милитаристички владетели и нивните домашни, а неоргански, антигенски полтрони.
Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип неделава одбележува јубилеј, 10 години од формирањето. Сметате ли дека оваа образовна институција го оправда своето постоење?
КУКУБАЈСКА: Секако. Основањето на УГД е резултат на долгорочни реални компаративни процени за растечките потреби од ваква високообразовна државна установа во југоисточна Македонија. Мобилноста на знаењето во 21 век природно наметна создавање на оваа високообразовна установа во тој дел од Македонија, како што за едукацијата во некоја недалечна иднина ќе биде соодветно студентите и да не патуваат кон други дестинации туку кибернетски да следат настава, или истражување, или, како што, наспроти тоа, во 1636 година „Харвард“, на источниот брег на САД, или во 1861 година – Универзитетот во Вашигтон, Сиетл, барале младите интелектуалци да се физички мобилни кон територијални простори. Секоја оправданост е своевремена. Дел од УКИМ сметаше дека постоењето на УГД нема да е оправдано, но УГД докажа дека неговата улога во профилирање и развој на студенти и на наставен кадар беше фасцинантна во овие 10 години. УГД ја претставуваше Македонија на сите континенти и остваруваше значајна размена на современи знаења и оригинални способности на своите студенти и наставниот кадар: од музички настапи на етнокореологијата и џезот, до медицински и физиотерапевтски усовршувања, рударски, земјоделски, информатичко-технолошки научно-стручни и апликативни истражувања или туристичка практика, македонското образование, наука, култура и уметност остваруваа вонредно динамична меѓународна интеруниверзитетска соработка. За 10 години УГД разви 12 факултети и три академии, кои профилираа идни кадри меѓу студентите и наставниците, екипирани со софистицирано знаење и негова прагматична конкурентност и применливост, неопходни за Македонија како современа држава што е кандидатка за членка на ЕУ и на НАТО.
Разговараше: Ненад Мирчевски
(Интервјуто со Марија Емилија Кукубајска е објавено во 238. број на неделникот Република, 24.03.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.