Прво бев во неверување, си мислев дека е направена некаква грешка, но откако ми го потврдија изборот, бев премногу возбудена!
Ваков бил моментот за Јана Бурческа кога првпат дознала дека ќе ја претставува Македонија на 62. „Евровизија“. Но, со најголемата поддршка, која секогаш доаѓа од семејството, со евровизискиот тим зад неа и со долгите подготовки и работа на себе – Јана е подготвена да ја освои Европа.
Публиката ја запозна младата пејачка на 17-годишна возраст на музичкото шоу „Македонски идол“, каде што го освои петтото место.
По неколку настапи на „Скопски фестивал“, 23-годишната Бурческа ја видовме и во улога на модел за креациите на Антонија Ристовска, а веќе две години настапува со свој бенд „OffBeatz“ по познати скопски кафулиња.
Доколку, сепак, некој досега не слушнал за Јана, по промоцијата на евровизиската песна „Dance alone“, работите се променија. Модерниот и атрактивен евровизиски производ, кој Македонската радио-телевизија ѝ го вети на публиката кога првпат ја најави македонската претставничка, е еден од ретките што не наидоа на негодувања, негативни коментари и на бунт.
Напротив, изгубената надеж дека Македонија некогаш ќе се најде барем меѓу првите 10 земји, а нема да има потреба со подвиена опашка да се врати во Скопје, конечно е разбудена. Но, затоа и притисокот за младата пејачка е поголем.
– Притисокот несомнено е поголем. Песната навистина е одлично прифатена од аудиториумот, не само од слушателите, туку и од музички професионалци, а тоа, секако, ги зголемува очекувањата на сите, вклучувајќи ги и моите. Високите очекувања се секогаш деликатни бидејќи понекогаш и не можеме целосно да влијаеме на тоа исходот да е пропорционален со нив – вели Бурческа.
Одлуката на МРТВ токму таа да застане на сцената во Киев, навистина ја изненадила.
– Веројатно долгогодишната успешна соработка со тимот на МРТВ на повеќе проекти, меѓу кои најголем е „Скопски фестивал“, придонесе да се случи и соработка од ваков вид. Инаку, евровизиската приказна почна со телефонски повик – раскажува таа.
Во неколкуте месеци од прогласувањето на претставникот до самата промоција на песната, тимот помина низ многу подготовки. Лично Јана, пак, посетуваше и психолог за да може успешно да се справи со тоа што ја очекува до настапот во мај и по тоа.
– Изминатите месеци се работеше на повеќе аспекти. Се разбира, приоритет беше изведбата на песната во студио и доближување на мојата интерпретација до замислата на продуцентот, за што посетував часови по пеење и поминав многу часови во преслушување на демо-снимката. Понатаму, за успешно справување со сиот притисок, коментари и набиен распоред, а воедно и унапредување на личноста, редовно посетував психолог. Исто така работев и на својата физичка подготвеност, за што, за жал, имам сѐ помалку време. Пред снимањето на спотот, секако, „влегував во улога“ и работевме на кореографијата заедно со Амбра Сучи. Со Амбра, исто така, ја поставивме и основата за финалната кореографија која ќе се изведува на големата сцена во Киев – вели Бурческа.
До самото заминување во Киев, пак, ја чека уште многу работа.
– Следува еден интересен периодво април, а тоа се предевровизиските промотивни забави. Заедно со делегацијата ќе ги посетиме Лондон, Тел Авив и Амстердам. Овие забави се со цел, пред сѐ, промоција на евровизиските песни и на претставниците, како и меѓусебно запознавање – вели таа.
За тоа колку е задоволна од целата соработка со евровизискиот тим вели дека производот кажува и повеќе од доволно.
Бурческа разменила искуства и со дел од пејачите и музичарите што претходно нѐ претставувале на „Евровизија“.
– Имав среќа да разговарам со неколку музичари што имаат искуство со проектот и речиси од сите го добив истиот совет – да се отпуштам и да уживам во неверојатното искуство – вели Бурческа.
Авторите на „Dance alone“ се автори и на српската евровизиска песна, која, според Јана, исто така, е фантастична.
– Тијана има специфичен глас и навистина ми се допаѓа нејзината интерпретација. Нескромно ќе кажам дека на авторите оваа евровизиска сезона им е исклучително успешна. Искрено, оваа година Балканот понуди неверојатни песни, како, на пример, Бугарија и Србија, а покрај нив ми се допаѓа и Белгија – вели таа.
Македонија на „Евровизија 2017“
Претставник: Јана Бурческа
Песна: Dance alone
Автори: Хоаким Персон, Алекс Омар, Флоренс А. и Боби-Леон Миланов, сите дел од „Симфоникс интернешнел“ (SYMPHONIX INTERNATIONAL), реномиран музички бренд кој низ годините има остварено значајни евровизиски достигнувања, како и соработки со светски познати артисти, меѓу кои Кели Кларксон, Џон Леџенд, Кајли Миног, Лејди Гага, Мери Џеј Блајџ, Мајли Сајрус, Селена Гомез, Армин ван Бурен, Кончита Вурст и Џамироквај.
Видеоспот: Работен според оригинална идеја и режија на младиот и талентиран режисер од Русија, Сергеј Железко, кој работи за „Бојана филм“ во Софија, каде што и беше снимено видеото.
Кореографија и сценски настап: Амбра Сучи, танчар, кореограф и уметнички директор од Шведска. Во нејзиното портфолио Амбра има запишано повеќе успешни сценски настапи на Евровизија, меѓу кои тој на Поли Генова (2016), како и победничкиот настап на Лорин за „Euphoria“ (2012).
Костимограф: Антонија Ристовска
Официјален шминкер: Александар Билјановски-Дадар.
Пишува: Марина Костовска
Фото: Ани и Дими
(Текст објавен во 238. број на неделникот „Република“, 24.03.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.