Програмата на дванаесеттото издание на „Оф-фест“ носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат познати и значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарен филм.
Анушка Шанкар
Анушка Шанкар денес е една од водечките фигури на т.н. музика на светот. Нејзиното творештво влече корени од индиската класична музика, како и од музиката на нејзиниот татко, легендарниот Рави Шанкар, кај кого таа се школува од својата девета година. Како композитор, таа ја истражува плодната синтеза на индиската музика со разни музички жанрови, како: фламенко, електроника, џез и класична музика. Анушка Шанкар двапати е номинирана за престижната награда „Греми“, а беше и најмладата музичарка и прва жена во историјата на „Греми“ номинирана во категоријата музика на светот, за нејзиниот албум „Live at Carnegie Hall“ (2002), а подоцна и прв музичар од Индија што бележи настап на доделувањето на наградите „Греми“ (2006) кога беше номинирана за албумот „Rise“. Во 2011 година, познатата германска етикета „Дојче грамофон“ го издаде нејзиното шесто цеде-издание „Traveller“, што ѝ ја донесе титулата најдобар музичар од страна на магазинот „Сонглајнс“, како и номинацијата за наградата „Греми“ во категоријата најдобар албум со музика од светот. Трагајќи по корените на фламенко музиката во традицијата на индиските Раџастани Роми, во создавањето на „Патувач“ учествуваат индиски и фламенко музичари.
Азис Самауи и „Јуниверзити оф Гнава“
Азиз Самауи е познат музичар и вокалист, а „University of Gnawa“ е неговиот прв солоалбум, со кој стекна низа пофалби и признанија. Поимот „гнава“ се однесува на традиционалниот транс и исцелителската музика од граничниот регион меѓу Мароко и Алжир, но неговите корени може да се најдат и во Сенегал, Гамбија и во Мали. Самауи настапува со групата од Сенегал, а проектот „Јуниверзити оф Гнава“ претставува синтеза на звуците од Мароко и од Сенегал. Музиката се базира врз мароканскиот инструмент гимбри, како и врз сенегамбискиот нгони, но, исто така, и врз обилното присуство на електрична гитара, клавијатури и перкусии. Музичките расположенија се менуваат како вртењето на еден Суфи дервиш, преминувајќи од тивки тонови, до енергични, хипнотични танци.
Биоскопија
Проектот „Биоскопија“ претставува соработка меѓу Горан Трајкоски (Сарацени, Падот на Византија, Мизар, Апореја, Анастасија) и Елена Христова, вокалистката на македонскиот етносостав „Баклава“, а од неодамна и пејачка во популарната турска група „Баба Зула“. Нивниот заеднички албум, под наслов „Биоскопија“ (СЈФ Рекордс, 2011), содржи четиринаесет архаични, традиционални, лирски и обредни македонски песни, во чијашто автентично осмислена обработка музичарите успеваат да го втиснат својот личен, авторски печат. Избрани од Христова, а аранжирани, програмирани и продуцирани од Трајкоски, овие композиции претставуваат извонреден спој на различни музички изрази и влијанија: од византиската традиција, преку класичните форми, па сѐ до модерните текови и струења. Благодарение на креативниот потенцијал на двајцата музичари, во „Биоскопија“ е остварен импресивен спектар на акустични и електронски инструменти, хармонски и ритмички решенија, расположенија и емоции. Станува збор за музика што произлегува од богатото наследство на македонскиот народ, надградено, дополнето и адаптирано за слушање денес и утре.
БРИНА
Составот „Брина“, именуван според главната пејачка Брина Вогелник, е формиран во 2003 година. Црпи мотиви од традиционалната музика, во случајов реанимирана и реаранжирана, но од неодамна во нивниот репертоар преовладуваат оригиналните композиции. Првите два албума на групата, „Младо лето“ (2004) и „Пасја легенда“ (2006), оставија силен печат на глобалната мапа на т.н. музика на светот, стекнувајќи извонредни рецензии, како од критичарите во Словенија, така и во светските музички списанија.
Кимо Похјонен
Кимо Похјонен е хармоникаш од Финска, но да го наречеш Кимо хармоникаш е исто како да ја наречеш „Енциклопедија Британика“ книга. Од 1996 година наваму, по многубројните проекти во областа на фолк, денс, театарска и авангардна музика, тој се фокусира на својот солопроект сочинет од екстремни и оригинални композиции, миди-електрична хармоника изработена по негова мера, семплови во живо и ефекти, динамична сценска изведба, специјално осветлување и звук од сите страни. Дизајнот на светлото и звукот се клучни елементи во неговиот перформанс, што го прави настанот извонредно стимулативен, како од визуелна, така и од звучна перспектива.
Ондатропика
Формирани од колумбискиот музичар Марио Галеано и од британскиот продуцент Вил Холанд, „Ондатропика“ обединува еден фантастичен тим од ѕвезди на класичниот и на модерниот стил на колумбиската музика. Идејата е повторно да се оживее традиционалниот звук промовирајќи ги најдобрите музичари што имале клучна улога во историјата на колумбиската музика. Песните на нивниот прв албум опфаќаат безвременски теми чии корени ги наоѓаме во 60-тите и во 70-тите години на 20 век, но и во прогресивните, модерни композиции на 21 век. Судир на познатите колумбиски стилови како кумбија, поро, гаита и чампета со бугалу, ска, бит-бокс, хип-хоп и фанк- звукот.
Таксим Трио
Еден од најинтересните музички феномени на Истанбул е супергрупа составена од три врвни музичари. Посветени на своите инструменти и на меѓусебното пријателство, „Таксим трио“ низ својата музика ткае магија, со ориентални звуци што звучат древно, но во исто време свежо и современо. Длабоко вкоренети во сопственото музичко наследство и во традицијата на турската музика, „Таксим трио“ инкорпорира и други стилови во овој традиционален модел, како класика и џез, дозволувајќи правецот на нивното музицирање да го прикаже Истанбул во сиот свој раскош, историски и музички.
Тори Енсамбл
Зборот „тори“ означува повеќе начини на кои една музичка традиција е интерпретирана во различни региони на Кореја. Групата постојано трага по нови модели на третирање на музиката и нивно комбинирање со западните музички дијалекти. Од 2007 година, во Кореја и надвор од нејзините граници тие настапуваат под името „Тори енсамбл“, како група од четворица корејски традиционални музичари, но настапуваат и под името „Тори проект“, со тројца американски фри-џез артисти: Нед Ротенберг, Ерик Фридлендер и Сатоши Такеиши. Посветувајќи се на врвното музицирање, на песните со корејско потекло и на блескавите импровизации, тие создаваат стара и нова музика од некои далечни предели.
Историја на „Оф-фест“
„Оф-фест“, во основа, е фестивал на таканаречената музика на светот, приклучувајќи се во особено креативниот процес на глобализација на музиката која доаѓа од сите светски меридијани и континенти. „Оф-фест“ е член на значајната и влијателна организација „Европски форум на светски фестивали“ (European Forum of Worldwide Music Festivals).
Идејата беше да се пополни концертната празнина во нашиот град, со организирање фестивал кој ќе ги донесе најзначајните претставници на светската етномузика. И покрај релативно кратката традиција на оваа манифестација (12 години), листата на учесници што досега настапиле на „Оф-фест“ е веќе импресивна:
Цесарија Евора, Дејвид Брн, Зуко 103, ЛТЏ Букем, Жил Петерсон, Мадредеуш, Мерџан Деде, Сузана Baca, Елијадес Очоа, Спиритулајзд, Азија даб фондејшн, Меркур Рев, Сибел, Мариза, Даниел Варо, Трансглобал андерграунд, Накао Зумби, Тартиф, Афел Бокум, Хабиб Коите, Ли Скреч Пери, Лос де Абахо, Масив Атак, Готан проџект, Маркос Вале, Балкан Бит Бокс, Бебел Жилберто, Али Фарка Туре, Сињор Коконат и неговиот оркестар, Оркестар Баобаб, Шон Кути и Фела Египет 80, Ганг оф Фоур, Лила Даунс, Мелинго, Пети Смит, Ајнур, Герардо Нуњез, Савина Јанату, Ансамбл Тирана, Гангбе Брас Бенд, Родриго Леао, А Филета, Јаманду Коста, Теракафт, Мерцедес Пеон, Нореум Мачи, Амаду и Маријам, Хуан де Маркос Африканизам Ал Старс, Еркан Огур / Дерја Туркан, Лаетитиа Садјер, Тортуа, Тамикрест, покрај познатите македонски исполнители, како: Љубојна, Проект Жлуст, Баклава, Зоран Маџиров, Фолтин, Драган Даутовски квартет, Тони Китановски и Черкези.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.