| четврток, 6 декември 2018 |

Давид Бабунски и Мирко Павловски не патуваат на скандинавската турнеја

Давид Бабунски од Барселона и Мирко Павловски од ОФК Београд нема да патуваат со македонската репрезентација на мини-турнејата низ Скандинавија и нема да играат на пријателските натпревари со Шведска на 3 јуни и со Норвешка на 11 јуни. Со Швеѓаните ќе играме во Малме, а со Норвежаните во Осло.

Ќе ги нема и Горан Пандев и Мартин Богатинов поради повреди, а од првиот меч ќе отсуствува и Величе Шумуликоски поради настап за својот клуб Словачко.

 
– Ќе ги немаме на располагање двајцата млади играчи Давид Бабунски и Марко Павловски. Првиот има обврски кон својот клуб Барселона во младинското првенство на Шпанија, а од овие настапи можеби му зависи и потписот на договор со Б-тимот на каталонскиот клуб. Клубот и играчот оценија дека во овој момент му е потребен на тимот, а ние не сакавме да правиме поголеми проблеми. Што се однесува до Марко Павловски, тој во првиот период изрази желба да настапува за репрезентацијата на Македонија, имавме разговори и со него лично, а и со неговиот родител, но откако следеше официјалниот повик, тогаш побара простор за да размисли. На тоа и остана, еве, тој не е со нас. Покрај тоа, ќе ги немаме и Мартин Богатинов, кој е повреден, како и капитенот  Горан Пандев, а на првиот меч поради обврски кон клубот Словачко ќе отсуствува и Величе Шумуликоски – истакна селекторот Чедомир Јаневски на денешната прес-конференција.
Капитен во отсуство на Пандев ќе биде Николче Новески.
 
– Нѐ очекуваат два пријателски мечеви во кои ќе ја провериме формата за продолжението од квалификациите. За Македонија секогаш се игра со максимално залагање, па така сигурно ќе биде и овојпат. Се надеваме дека ќе одиграме добро и дека помладите фудбалери ќе се вклопат во репрезентацијата – изјави Новески.
Од поширокиот список на селекторот Чедомир Јаневски отпаднаа од комбинација Кире Ристевски и Јасмин Мециновиќ.
 
 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top