Со делницата Штип – Кочани почнува изградбата на повеќе експресни патишта со по четири ленти. Изведбата почнува месецов, пишува „Лидер“. Со ова Македонија добива нова инфрастуктура.
– Патот ќе има четири коловозни ленти, една за безбедно и три за брзо возење. Предвидената брзина е 100 километри на час, предвидени се клучки за сите населени места од овој регион – објаснува директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојановски.
Во следниот месец ќе почне да се гради и Ранковце – Крива Паланка, а од средината на годинава стартуваат и градежните работи на делницата Штип – Радовиш.
Експресниот пат „23 октомври“ што ќе ги поврзува Штип и Радовиш претставува делница од исклучителна важност за развојот на Источна Македонија. Патот е во должина од 38 километри, а вредноста му се проценува на 64 милиони евра.
Нешто поскапа е делницата од Ранковце до Крива Паланка, но не е од помало значење. Има и план, делницата од Крива Паланка до Деве Баир да се прошири на ниво на автопат.
– Веќе е во тек изградбата на првата фаза од експресниот пат од Градско до Прилеп, годинава ќе се почне и со втората фаза од Градско до Дреново, а за третата фаза од Тројанци до Прилеп ќе распишеме тендер за градба. Ќе распишеме и тендер за проектирање за изградба на експресниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија – вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски.
Вкупната должина на трите нови експресни патишта (Штип – Кочани, Штип – Радовиш и Ранковце – Крива Паланка) е над 100 километри, инвестицијата тежи 250 милиони евра.
– Тоа е огромна инвестиција која ќе има долгорочни ефекти и за економијата и за граѓаните – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
На кои делници ќе се работи годинава?
Годинава ќе се градат или реконструираат над 200 километри автопатска мрежа.
– Во тек е изградбата на новиот автопат Демир Капија – Смоквица што ќе го завршиме оваа година. Автопатиштата од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид очекуваме да се завршат во 2018 година. Во тек е реконструкцијата на автопатиштата од Смоквица до Гевгелија и од Куманово до Миладиновци, ќе бидат завршени оваа година. Делницата од Неготино до Демир Капија почна да се реконструира минатата година, а ќе биде готова во 2018 година. Оваа година ќе почнеме и со реконструкција на автопатот од Велес до Градско во должина од 20 километри и од Скопје до Куманово во должина од 22 километри, инвестиција од речиси 7,8 милиони евра преку програмата на ИПА. Во тек на проектирање се два нови автопатишта од Гостивар до Кичево и од Скопје до Блаце – вели Мисајловски.
Автопатот кон Охрид е во должина од 57 километри и со вредност од 374 милиони евра. Вториот од Миладинови до Штип е со должина од 47 километри, вреден 206 милиони евра.
– Високиот процент на извршените работи во нискоградбата нè прави среќни бидејќи се тоа инфраструктурни, капитални објекти што се битни за државата и населението – вели претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски.
Освен трите нови автопатишта, ќе се градат уште три нови.
Првиот е Гостивар – Кичево во должина од 42 километри. Проценетата вредност на проектот изнесува 350 милиони евра, а се планира делницата да биде готова до 2020 година.
Вториот автопат е од Скопје до Блаце во должина од 13 километри. Овој автопат е со проценета вредност од 70 милиони евра и се очекува да биде завршен до 2020 година.
Третиот автопат е на потегот Требеништа – Струга во должина од 8,5 километри. Неговата проценета вредност е 45 милиони евра и ќе се финансира со пари од ЕБОР.
55 милиони евра за регионални патишта
Во делот на регионалната мрежа е предвидено да се почне со изградба и реконструкција на вкупно 37 патишта, инвестиција од преку 55 милиони евра.
– За одржување на патната инфраструктура за годинава се планирани милијарда и шеесет милиони денари преку програмите на ЈП за државни патишта и на ЈП Македонија пат – вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов.
Капитални проекти за економски развој
Изградбата на автопатите, експресните, регионалните и локалните патишта повлекува сериозен ангажман на домашната градежна оператива. Ова ќе му даде дополнителен импулс на градежниот сектор, ќе придонесе кон поголем раст на БДП, ќе се отворат нови работни места, ќе се подобри поврзаноста на Македонија, а долгорочно ќе се зголеми и конкурентноста на економијата.
– Градежништвото и натаму е еден од моторите на економскиот раст. Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е веќе обезбедена финансиска конструкција, што влева сигурност – вели првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот.
– Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.
Капиталните проекти во инфраструктура се здрава основа за раст на економијата.
„Градежниот сектор е еден од главните двигатели на економијата во последните три години и ќе остане барам во идните две години. Инфраструктурните проекти направија да се раздвижи не само градежништвото, туку и други 25 стопански гранки коишто се тесно поврзани со градежништвото“ – вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Градежниците загрижени од намалената инвестициска активност во градежниот сектор
-
Градежништвото тоне, 45,1 отсто помалку издадени одобренија за градба
-
Автопатите лизгалишта, директорот на „Македонија пат“ задоволен (фото – видео)
-
Предупредување за возачите: Влажни коловози и снег кај Крива Паланка, Плетвар и Делчево