| четврток, 6 декември 2018 |

Алхемија меѓу филмската музика и необичниот сон на саксофонот

Некако ми дојде природно да свирам саксофон. Знаев дека ќе бидам класичен соло- саксофонист уште од првиот момент кога го зедов в рака инструментот, се потсетува Ејми Диксон во едно интервју

Македонската филхармонија продолжи да ја изненадува публиката со одлични настапи и концерти на кои како солисти гостуваат светски ѕвезди. Овој пат концертот насловен „Алхемија“ беше посветен на жените по повод празникот 8 Март, а гостинка беше ѕвездата на саксофон Ејми Диксон од Австралија.

Станува збор за изведувачка која досега двапати била номинирана за престижната награда „Греми“ и која е една од најдобрите саксофонистки денес. Таа е првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата „Класик Брит“, а во Скопје првпат го изведе Концертот за амплифицирана обоа и оркестар од современиот австралиски композитор Греам Коне – „Забава за време на лет“.

  • Греам Коне го краси музички индивидуализам. Неговите дела се создадени во слободен стил, а инспирирани се од поп-културата што е препознатлива за Австралија. Неговиот концерт „Забава за време на лет“ („Inflight Entertainment“) за амплифицирана обоа и оркестар уште на самата премиера предизвикал сензација поради „филмската“ обоеност на партитурата, но и поради специфичните технички сегменти, кои од солистот бараат виртуозност. Делото поседува експресивна драматургија и заразен ритмички пулс – вели неговиот брат, писателот Џејмс Коне.

Мегапопуларната Ејми Диксон се фокусира на современата и на филмската музика, и во нејзиниот репертоар се наоѓаат дела на врвни современи композитори, како Филип Глас, Мајкл Најман, Мајкл Кејмен, Џон Вилијамс…

Таа има индивидуален и необичен тон… Нејзините фрази прекрасно завршуваат, нејзината контрола на динамиката е бескрајно суптилна – напиша магазинот „Грамофон“ за Ејми Диксон, една од најдобрите саксофонистки денес.

Концертот „Алхемија“ донесе музика со филмска магија, под диригентската палка на врвниот маестро Кејс Скалионе. Премиерно беше изведено делото „Четири парафрази за симфониски оркестар“ од младата македонска композиторка Теа Богатинова, како и Симфонијата бр. 6 наречена „Пасторална“ од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

  • Скалионе постојано ги импресионира оркестрите од целиот свет со сензитивни и внимателни изведби на музичките дела. Тој е авантурист и сака да истражува нови изрази, па така неговиот репертоар вклучува дела од Моцарт до Лигети, меѓу нив и повеќе светски премиери, заклучно со премиерата на симфонијата „Доктор Атомик“ од Џон Адамс во Лос Анџелес со Дебитантскиот оркестар составен од млади музичари – истакнуваат критичарите.

Ејми Диксон, всушност, е првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата „Класик Брит“ откако го објави својот трет албум „Dusk and Dawn“, кој беше на водечко место во Велика Британија.

Amy-Dickson-2

Во јануари 2016 година, Диксон беше именувана за млада Австралијка на годината во Британија. Нејзиниот репертоар е строго ориентиран на нејзината страст за нова музика, таа е целосно посветена на нови дела, особено на оние создавани за саксофон. Во моментов, Ејми Диксон живее и твори во Лондон, но е родена во Сиднеј, Австралија, каде што на шест години почнува да зема часови по саксофон.

  • Во музичкото училиште ми дадоа одвратен инструмент, кој, најверојатно, не беше измиен 30 години. Никогаш нема да го заборавам позеленетиот дел од инструментот кој требаше да го ставам во уста. Всушност, изненадена сум, како не умрев од некоја зараза. Но, саксофонот беше многу полесен за мене отколку пијаното. Некако ми дојде природно да свирам саксофон. Знаев дека ќе бидам класичен соло-саксофонист уште од првиот момент кога го зедов в рака инструментот – се потсетува Ејми во едно интервју.

Својот прв концертен настап го има на 16 години, а две години подоцна ја прави и првата снимка како солист со Симфонискиот оркестар на Сиднеј. Таа година се сели во Лондон за да студира на Кралскиот колеџ за музика, а потоа и на Конзерваториумот во Амстердам.

  • Израснав симултано свирејќи во училишниот оркестар и во Симфонискиот оркестар на Конзерваториумот во Сиднеј. Никогаш не мислев дека нешто е невообичаено или не е „кул“. Сето тоа беше музика и сето тоа постоеше – вели Диксон.

Добитничка е на значајни награди, кои ретко одат во рацете на саксофонистите. Настапува како солист низ светот со врвни оркестри, во „Ројал Алберт хол“, во „Сиднеј опера хаус“ или во „Концертхаус“ во Виена, но и како камерен музичар.

Во 2015 година се придружува на Шкотскиот ансамбл на турнеја низ Британија, која вклучува концерти во Единбург, Глазгов и во Лондон и кои оставаат силен впечаток во јавноста.

  • Саксофонот на Ејми Диксон има топол, возвишен и експресивен тон што може да стопи и камен – вели една од критиките во „Хералд Скотланд“.

Таа снима за „Сони класикс“ и досега има реализирано шест албуми, чиишто изведби на дела, особено „Spiegel im Spiegel“ од Арво Парт, Концертите за виолина од Филип Глас, делата на Џон Тавенер и на Мајкл Најман сместени на албумот од 2009 година, како и делата на Џон Вилијамс или Мајкл Кејмен од албумот „Catch Me If You Can“, се оценети како врвни. Нејзините изведби ги красат и некои од најдобрите филмски остварувања.

  • Се, разбира дека постои економски аспект во сето тоа. Многу е скапо да се сними албум и би било мошне романтично да се мисли поинаку. Како музичар, треба да се обидете тоа да им се допадне на луѓето што инвестираат пари во музиката. Јас едноставно се обидувам да ја одржам идејата за тоа што го сакам, без оглед на музиката што ја изведувам – ќе рече Ејми.

Подготви: Невена Поповска
(Текст објавен во 237. број на неделникот „Република“, 17.3.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top