Според прогностички материјали кои УХМР ги презема од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето, а врз основа а стручните анализи и методи кои се применуваат во Секторот за метеорологија се предвидува дека годинава пролетта во Македонија ќе биде умерено топла и врнежлива во рамки на просекот.
-Сезонскиот изглед на времето за периодот март, април и мај 2017 покажува дека постои поголема веројатност за нешто повисоки температури на воздухот од просечните, но тоа надминување нема да биде повеќе од 1 до 2 степени целзиусови. Количината на врнежи оваа пролет се очекува да биде во рамките на просекот, со поголема веројатност на позитивно надминување во источниот дел од Републиката – информираат од УХМР.
Во соопштението се вели дека постои многу малку зголемена веројатност , од 25 до 40 отсто, за појава на екстреми во однос на температурите.
Просечните сезонски температури за пролет (период 1981-2010 година) во Македонија се движат од 6,2 степени во Маврово и Лазарополе до 14,1 во Гевгелија. Измерените врнежи се движат о граница од 118,7 mm во Скопје до 251,6 mm во Лазарополе.
Според прогноза на времето до крајот на март ќе преовладува релативно топло време. Особено топло ќе биде во почетокот на последната декада во месецот, кога се очекува температурите да бидат над просекот за овој период од годината.
Во недела, 19 март, под влијание на краткотраен продор од север ќе има локални врнежи од дожд и засилен ветер. Почести врнежи од дожд се очекуваат во средината на последната декада, но не се очекува да бидат многу обилни.
Кон крајот на март и почетокот на април се очекува посвежо, но и посуви време, но сепак во границите на просечните вредности за овој период од годината. Кон средината на април повторно се очекува потопло време со почести продори на влажен воздух што ќе предизвика и локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во мај се очекуваат температури и врнежи во рамки на многугодишниот просек.
-Сезонските изгледи за летниот период во овој момент предвидуваат повисоки температури и посушна сезона. Секако Секторот за метеорологија ќе ги надгледува евенуталните промени на глобалните промени на ENSO осцилациите кои би можела да условуваат промени и на локално ниво и навремено ќе информира – велат од УХМР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.