На денешен ден навршуваат 13 години од мартовските насилства врз Србите на Косово, кога Албанците протераа нешто повеќе од четири илјади Срби од нивните домови и запалија над 30 верски објекти.
Во бранот насилство на Косово тогаш се убиени 19 лица, од кои осум Срби, додека 11 Албанци настрадаа во пресметките со припадниците на меѓународните сили за безбедност.
Повредени се најмалку 170 Срби, како и десетина припадници на меѓународните сили, кои се судириле со локалните Албанци, штитејќи ги Србите и нивниот имот.
Урнати се околу 800 српски куќи и запалени се 35 верски објекти, вклучувајќи 18 споменици на културата, меѓу кои и црквата Богородица Љевишка во Призрен.
Според податоците на Рашко-призренската епархија на СПЦ од април 2004 година вкупниот број на уништени црквени згради достигнал околу 100.
Меѓународните обвинители и судии на Косово процесуираа седум случаи на уништување на цркви и 67 лица осудија на затвортски казни од 21 месец до 16 години.
За време на мартовските немири на Косово протерани се 4.012 Срби, а повеќето од нив до денеска не се вратиле во своите домови.
Повод или изговор на прогнот беше кампањата на албанските медиуми, во која локалните Срби се обвинети дека со кучиња истерале преку реката Ибар група албански момчиња од селото Чабар кај Зубин Поток, од кои едно се удавило во реката.
Истрагата на полицијата на УНМИК подоцна утврди дека овие обвиненија се лажни. Мартовските случувања на Косово ги осудија Советот за безбедност на ОН, како и Европската унија, а во Парламентарното собрание на Советот на Европа на 29 април 2004 година е донесена резолуција.
Тринаесет годишнината од мартовските протерувања ќе биде одбележана утре во Косовска Митровица со полагање венец и оддавање почит на настраданите на Косово на 17 и 18 март 2004 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.