| четврток, 6 декември 2018 |

Опасност ги демне турските серии!

Во Турција не цветаат рози како некогаш во бизнисот со телевизиски серии. Ако во септември 2010, пред почетокот на нова телевизиска сезона, во етерот се емитувале 50 серии, денес, на вкупно пет канали се емитуваат само 28 серии

Лоши денови му се на врата на бизнисот со телевизиски серии, ако телевизиите и продуцентите не си подадат рака за да ја обноват соработката од која низ годините се оддалечија, оценува аналитичарот Али Ејубоглу во денешното издание на турскиот весник „Миллијет“.

Како што е наведено во анализата, секторот на производство на телевизиски серии во Турција на нозе го држат шест телевизии. Денес во етерот се емитуваат вкупно 28 серии, што е речиси половина од бројот на серии што се емитувал на почетокот на телевизиската сезона во септември 2010 година, вкупно 50.

Продуцентите на серии најмногу сакаат да соработуваат со телевизијата „Канал Д“, каде што рекламите, како што проценува аналитичарот на „Миллијет“, се најисплатливи, а телевизијата има најголема моќ во печатените медиуми.

Во моментов на „Канал Д“ се емитуваат седум серии, од нив четири се од домашно, турско производство. Според аналитичарот, тоа значи дека една од двете врати на „Канал Д“ веќе подолго време е затворена за продуцентите на серии.

Додека „Канал Д“ се насочува повеќе кон домашните серии, телевизијата „Стар“ ја затворила својата гранка за производство на ТВ драми. Во ударниот термин, „Стар“ емитува само три серии.

Најмногу работа на продуцентите, им отвора телевизијата АТВ, каде што се емитуваат најмногу серии, осум, но, исплатата кон продуцентите е со одложено плаќање од 120 до 180 денови, што ја прави АТВ неатрактивна за соработка кај продуцентите.

Работите не се „за машала“ ниту во телевизијата „Шоу“, некогаш голем играч во пазарот со ТВ серии. Откако сопственикот на телевизијата им порачал на продуцентите на серии да се пржат во сопственото масло, работата и’ тргнала надолу, па сега на нејзината програма се емитува само една серија. Упатените прогнозираат дена наскоро, таа една серија ќе биде поделена во седум секојдневни термини, во кои ќе се емитува по еден дел секоја вечер.

Решението, како што порачува аналитичарот, е и кај едните и кај другите. „Тоа е како со жена. Ако ја оставиш запоставена, таа тебе ќе те остави“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top