| четврток, 6 декември 2018 |

Во книжарницата „Литература.мк“ се отвора франкофонско катче

Книжарницата „Литература.мк“ Книжарницата „Литература.мк“, издавачката куќа „Арс Ламина публикации“ и Францускиот институт во Скопје ќе го отворат првото специјализирано продажно франкофонско катче во земјава. Главната свеченост е закажана за 15 март (среда), во 19 часот, а на неа ќе се обратат Н.Е. Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија и Дарко Фиданоски, директор на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Иако францускиот јазик во Македонија го изучуваат околу 40.000 ученици, досега не е издвоен специјален простор за изложување и продажба на литература на француски јазик.

Со новото франкофонско катче се збогатува книжевната понуда во градот и таа станува подостапна за читателската публика, која на едно место ќе да најде франкофонска литература за деца, млади и возрасни читатели, методи за изучување на францускиот јазик, преводи на француски автори на македонски јазик и обратно, книги за Франција, но и да учествува во бројните планирани работилници и книжевни читања, промоции на образовна литература (учебници и дидактички материјали), гостувања на француски писатели и илустратори и сл.

Низ овие форми на делување, Францускиот институт во Скопје и книжарницата Литература.мк очекуваат да придонесат кон подобра промоција и афирмација на францускиот јазик во Република Македонија и негова поголема достапност до сите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top