
За националните симболи не се преговара, а Македонија треба да го сочува уставниот поредок граден низ историјата, порачаа од вечерашниот протест граѓани на Делчево кои по седми пат протестираа поддржувајќи ја граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Кирчо Анастасов, локален координатор на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, истакна дека протестите ќе траат сѐ додека не се остварат барањата од Прогласот и не се добијат гаранции од политичките фактори од земјава дека Уставот нема да се менува под никакви влијанија од странство, особено под влијание на т.н. Тиранска платформа.
– Сакам да го изразам своето длабоко разочарување за константниот молк по прес-конференцијата на лидерот на опозицијата, кој најави некакви дебати за прашања кои се од национално значење за Република Македонија. Јас не се согласувам со тоа да се дебатира за нашите национални симболи, но не се согласува и овој народ кој ја поддржува оваа наша иницијатива. На нашиве протести постојано гледаме нови ликови кои даваат поддршка на оваа наша борба која ќе вроди со плод – да го сочуваме уставнот поредок во државава, рече Анастасов.
Јованчо Медарски ги повика граѓаните на РМ да се сплотат и да се здружат заедно во одбрана на вредностите на државата.
– Рамо до рамо заедно да се избориме и да ја одбраниме нашата татковина. Ние не сакаме македонскиот народ во нашата држава да биде граѓанин од втор ред. Сегашнот лидер на опозицијата, кој сака со странски платформи да стане премиер, не го заслужува тоа. Граѓаните на Македонија знаат и умеат да ја одбранат својата татковина и убеден сум дека во тоа ќе успееме сите заедно, рече Медарски.
Протестот се одвиваше низ улиците во центарот на Делчево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


