Брзи, релевантни, економски исплатливи анализи според светските стандарди, кои за десет минути утврдуваат 28 параметри во виното неопходни за негов пласман и на најпребирливите пазари, нуди Државната фитосанитарна лабораторија (ДФЛ).
Лабораторијата се опреми со инструментот „Вајн скен“ каков што користат западноевропските земји, американскиот и австралискиот континент со тоа ја вброи Македонија, покрај Херцеговина и Словенија, во единствените од регионот што овозможуваат вакви услуги.
Анализите се наменети за домашните, но и за винарските визби од други држави, а ќе чинат вкупно 3.000 денари со вклучен ДДВ што е помалку од досегашните, кои ги одредуваа само седумте основни парамтери во виното, минимум потребни за извоз. Инструментот, меѓу другото, ќе утврдува концентрација на шеќери, киселини, алкохол, адитиви,…, но и на микотоксини, што, практично, значи и гаранција за безбедноста на виното.
Според директорката на Државната фитосанитарна лабораторија Сузана Кратовалиева, анализите се очекува да го поттикнат производството на вино во шипиња за извоз, но индиректно да придонесат и за развој на винскиот туризам.
– Со новиот инструмент за само 10 минути се анализираат 28 параметри во виното со што се одредува и потврдува неговиот квалитет. Со тоа воедно се овозможува нашите вина, кои се докажани по својот квалитет, да се извезуваат и на пребирливите пазари како јапонскиот, кој има највисоки критериуми. Се надевам дека со квалитетот и истакнатите параметри на етикетата на нашите вина во шишиња, уште повеќе ќе можеме да ги привлечеме и туристите, но и да ги задоволиме нивните барања, кои се, навистина, високи – изјави Кратовалиева пред почетокот на семинарот.
Македонија, додаде директорката, е позната како земја на виното, но сега, со можноста да прави вакви анализи, ќе стане уште поконкурентна, особено за земјите од Западен Балкан. Кратовалиева во овој контекст ја спомена Хрватска, која неодамна воведе нови правила за увоз на вината од регионот, нивно подолго задржување на граница при проверката на квалитетот.
– Со ваквите услуги, винарите ќе може повеќе да се фокусираат на вино во шишиња за извоз и да постигнуваат завидни цени, кои ќе бидат во согласност со квалитетот на виното. Тоа ќе значи проширување на бизнисот и зацрвстување на репутацијата не само на домашниот, туку и на странските пазари, подвлече диркторката на лабораторијата.
Лабораторијата првпат ќе почне и со анализа на биогени амини, кои досега не се одредуваа никаде во државата, а се чувствителна категорија на секундарни преработки, кои се јавуваат во различни количини при производството на вино. Во различни земји, зависно од вкусот на потрошувачите, дозволена е и различна концентрација на биогените амини.
– Секоја година мерките, регулативите и правилниците за квалитет на вино се затегнуваат. Мора да го следиме тој тренд, да ги следиме светските стандарди. Со тоа ќе одговориме и на барањата на потрошувачите – истакна претседателот на Здружението на винарите на Македонија Игно Таев.
На семинарот се присутни претставници од преку 40 македонски винарски визби, кои директно ќе видат како се врши анализата.
„Вајн скен“ е купен со средства од Програмата за рурален развој. Ќе утврдува и испитување на грозјето и на ширата, како и следење на квалитетот на виното во текот на ферментацијата. Предвидено е со инструментот да се вршат околу 500 до 600 контроли годишно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.