„Глобалната иницијатива С.О.С.“ (Стоп операција Сорос) денеска на прес-конференција побара институциите да
испитаат дали граѓанските организации и фондации во државата работеле согласно Законот за здруженија на
граѓани и фондации на Република Македонија.
Ова барање се однесува на сите невладини организации, без исклучок.
Политичкиот аналитичар и историчар Никола Србов потенцира дека Република Македонија се
наоѓа пред сериозен предизвик и тест за нејзината целовитост и унитарност.
– За жал, постојат индиции дека еден дел од граѓанскиот сектор директно учествувал во
поделбата на општеството. Неколкугодишниот напад врз институциите на државата, но и врз
неистомислениците, доведе до сериозни судири во општеството, рече Србов.
Тој појасни дека бараат институциите да проверат дали организациите придонеле за
разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост, дали организациите
работеле во насока на насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,
дали поттикнувале и повикувале на воена агресија и интервенција од трети земји, дали ги
повредувале правата и слободите на други лица, граѓани на Република Македонија.
– Дали невладини организации во Република Македонија имале мешање или влијание во
управувањето од трети лица во земјава и од странство? Дали постојат невладини
организации во Република Македонија кои се зависни финансиски материјално или биле
уценети со што делувале и надвор од нивната програма и статут, а спротивно на уставот и
законите на Република Македонија, праша Србов.
Од институциите на државата, како што рече, бараме да проверат дали организациите на
директен или индиректен начин финансирале политички субјекти во државата, дали
инфраструктурата, кадарот и ресурсите на организациите биле користени во полза на
политичка партија, дали дејствувањето на организациите влијаело врз изборниот процес во
државата, дали организациите биле вклучени во предизборната кампања на некоја
политичка партија и дали на директен или индиректен начин го насочувале јавното мислење
кон одредена политичка партија?
„Глобалната иницијатива С.О.С.“ (Стоп операција Сорос) прашува дали странските фондации
во Македонија работеле законски, во однос на плати и придонеси за вработените, како биле
финансирани, дали биле користени за внес на црни пари во државата, дали биле вмешани во
политичкиот живот и дали поттикнувале насилство и нетрпение во општеството со што би ја
загрозиле безбедноста на граѓаните.
Тие од институциите на Република Македонија бараат да проверат дали средствата кои се
влевале во организациите биле користени за целите врз кои тие се основани, дали
средствата биле користени над личните интереси или во лукративни цели, дали со добиените
средства врз основ на проекти биле исплаќани активисти кои се или биле вклучени во
партиски активности или настани кои се противзаконски, противуставни, активности кои
поттикнувале насилство, дискриминација, прекршувале човекови права и слободи и
активности кои воделе кон насилно уривање на уставниот поредок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.