На некои од македонската јавност, а посебно на некои интелектуалци и јавни личности, и по 25 години независност и демократија сѐ уште не им е јасно дека секој жител, односно граѓанин на оваа земја, без разлика на неговата професија, има право јавно да го искаже своето мислење во момент кога смета дека се загрозени правдата, правичноста и вистината или кога се поткопуваат националните интереси и општестевно-моралните и човечки вредности, пишува за „Дневник“ митрополитот повардарски, г. Агатангел.
Вистинскиот демократ и интелектуалец не само што треба да го поддржи мислењето на поединецот туку треба со сите сили да го брани ова негово право, па колку и да не се согласува со неговите јавно искажани ставови и мислења. Во спротивно, тие никако не би можеле да се претставуваат себеси ниту како демократи, а уште помалку како современи европски интелектуалци, на кои им е важен нивниот углед и авторитет, вели
Против лицемерство
Мене, како граѓанин на оваа земја, по којзнае кој пат упорно ми се скратува моето лично и со Устав загарантирано право да говорам јавно за општествени теми и тоа токму во овој исклучителен момент кога секој граѓанин и секоја јавна личност е потребно и неопходно да се произнесе за овој општествен калабалак кој ни се подготви од страна на непријателите на оваа земја, но и за чие реализирање и ескалирање сме и самите ние виновни. На оние што милуваат да го цитираат членот 19 од Уставот на РМ, најчесто злуопотребувајќи и манипулирајќи го неговиот контекст и суштинско значење, би требало во иднина задолжително да го допишат и членот 16 од истиот Устав, во кој јасно и недвосмислено се гарантираат слободата на уверувањето, јавното изразување на мислата, слободата на говорот и јавниот настап на граѓанинот.
Сметам дека се врвни лицемери оние што ми го забрануваат моето лично мислење, цитираат дека црквата и верските заедници се одвоени од државата, а потоа во ист момент премижуваат кога на некој македонски медиум оџа од скопските џамии потпишан како експерт ќе произнесува пристрасен политички став и анализа. Истите овие лицемери премижуваат и тогаш кога оџите и исламските богослови стануваат високи функционери на партиите и невладините организации, активно се занимаваат со политика, заземаат политички страни, протестираат по улиците, па дури стануваат и пратеници во македонското Собрание.
Мнозина од овие умислени креатори на јавно мислење се докажани морални расипници, себични и умислени величини, ситни трговци со националните интереси, бесрамни парољубци, кои и родената мајка би ја продале за еден единствен денар. Точно е тоа дека црквата е одвоена од државата и со оваа уставна определба никој нема проблем во нашето македонско општество, но точно е и дека Македонија не е одвоена од моето срце и од народот, кого го љубам со сето свое битие, се разбира, непотценувајќи и неомаловажувајќи ги другите. Kако и мнозинството од македонските граѓани, сметам дека Македонија е наша заедничка татковнина, без разлика на етничката и културната припадност на сите нејзини граѓани и ова треба да се уважува и почитува.
Не можам да поверувам дека живеам во време кога некому ваквиот став му претставува проблем и кога за вакви прашања е потребно некому да му објаснувам и со некого да полемизирам.
Целиот текст на митрополитот повардарски, г. Агатангел прочитајте го на „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.