Јагленисано човечко тело, остатоци од изгорената барака и расфрлана скромна покуќнина е сликата што рано изутрината можеа да ја видат жителите на улицата “Скопска“ во Кочани.
Таа е последица на пожарот што ноќеска околу полноќ избувнал во нивното соседство. Рекоа дека во импровизираниот дом веќе извесен период живеел 62-годишен човек, за кого роднини кои се најдоа на лице место потврдија дека се работи за Ванчо Сантов, чие мртво тело се наѕираше низ металните остатоци.
„Дојдов да видам, да се уверам, сепак сме братучеди, роднини сме. Тука живееше, услови никакви, ниту струја, ниту ништо, толку знам, два три пати имам дојдено, повеќе немам доаѓано“ – вели роднина на починатиот.
„Вчера го видов, ме викаше брат. Од што е запалено и како не знам“ – вели соседот.
Соседите рекоа дека ниту пожарникарите не можеле да сторат многу во гаснењето на пламенот што брзо се проширил во импровизраната барака. Се претпоставува дека се работи за несреќен случај во кој чадот предизвикал задушување на Сантов, поради што тој не успеал да излезе од објектот. Од СВР не излегоа со официјална информација за случајот, со оглед што увидот започна доцна поради наредбата на јавниот обвинител да се направи обдукција и идентификација на телото на починатиот.
За една недела ова е втор сличен случај во регионот, откако во неделата, во светиниколското село Богословец во пожар настрада 80-годишен старец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.