НУ Центар за култура-Битола ги почна подготовките за претстојното гостување на светски познатиот виолинист Роби Лакатош.
Заедничкиот концерт со Камерниот оркестар на Битола е закажан за 26 март во големата сала на Центарот за култура, а утре ќе бидат пуштени во продажба влезниците за овој редок културен настан.
-Врвниот виолинист, виртуозот на „Чардашот”- Роби Лакатош за прв пат ќе гостува во Битола. Роби Лакатош не е само виртуоз, со неговата уникатност и стилска разновидност создава магија на сцената. Со леснотија ја комбинира класичната музика, со џез и унгарски фолклорен идиом, посочуваат од секторот за односи со јавност на НУ Центар за култура-Битола.
Лакатош настапувал на најпознатите фестивали во Европа, Азија и Америка, заедно со најголемите џез имиња како Херби Хенкок, Квинси Џонс, Стефан Грапели…
-Неговото музицирање еволуира не само во рамките семејството туку и во рамките на Бела Барток конзерваториумот во Будимпешта, каде во 1984 година ја освоил првата награда за класична виолина. Во периодот од 1986 до 1996 година, тој и неговиот ансамбл ја воодушевуваа публиката на „Les Atéliers de la grande Ille“ во Брисел, нивниот музички дом, информираат од НУ Центар за култура-Битола, домаќини и организатори на концерот на Лакатош и битолскиот камерен оркестар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.