| четврток, 6 декември 2018 |

Функционери на БЕСА се сретнаа со Вилијам Вокер, поддржувач на голема Албанија

Средба со Вилијам Вокер, поранешен американски  дипломат кој ја поддржа идејата за создавање голема Албанија и кој одигра решавачка улога за бомбардирањето на Србија во 1999 година од страна на НАТО, деновиве одржаа групата партиски функционери на Беса. За ова средба петтемина функционери вчера објавија и фотографии на социјалната мрежа „Фејсбук“, од која се гледа дека таа поминала во срдечна атмосфера, пишува „Дневник“.

— Мирен и пријателски состанок со големиот пријател на Албанците, амбасадорот Вилијам Вокер, беше идентичниот текст кој ги придружуваше објавените фотографии од средбата за која не е познато каде се случила.

Освен ова кусо објаснување од функционерите на Беса – Африм Гаши, Фатон Фазлиу, Орхан Муртезани, Емад Мехмети и Зеќирија Ибрахими – вчера не можеше да се добијат повеќе сознанија за средбата. Инаку, средбата се случува во периодот на актуелните меѓупартиски договарања на оваа партија со СДСМ и други албански партии за составувањето на владината коалиција. Познато е дека ова движење многу бргу реши со потписи на своите петмина пратеници да го поддржи давањето на мандатот за составување нова влада на лидерот на СДСМ врз основа на неговото прифаќање на албанската платформа од Тирана. Но, се` уште е неизвесно дали оваа партија, која се залага за редефинирање на македонската држава, ќе влезе и во владина коалиција.

Инаку, Вилијам Вокер наскоро треба да добие и споменик во косовското село Рачак како израз на благодарност на албанскиот народ за она што го сторил во 1999 година и се претпоставува дека токму тоа е причината за неговото доаѓање во регионот. Во Рачак, имено, треба да биде отворен меморијален комплекс во спомен на овој настан.

Познато е дека Вокер тогаш, во воениот судир на српските воено-полициски сили и на косовската ОВK, одигра клучна улога во врска со разјаснувањето на случајот и наоѓањето на 45-те тела на убиените Албанци во непосредна близина на Рачак. Вокер, тогаш како шеф на верификационата мисија на ОБСЕ, по спроведената истрага, соопшти дека се работи за масакр врз недолжните цивили за што веднаш беа обвинети српските безбедносни сили. Набргу потоа се случи и воената интервенција на НАТО-силите против Србија по што таа беше принудена да се повлече од Kосово и со што се отвори пат кон создавање независна косовска држава. На Србија не и помогнаа тврдењата и сознанијата од истрагата дека не се работи за убиените цивили, туку за загинати припадници на ОНА, кои се убиени во борби, а потоа пресоблечени во цивилна облека за да се исценира наводен масакр.

Тогаш Вокер, не чекајќи го извештајот од истрагата и анализите на патолозите од Финска, веднаш пред медиумските екипи ги обвини српските сили за масакр на 45 недолжни цивили.

Оттогаш до сега овој поранешен американски дипломат доби повеќе признанија и изрази на благодарност од страна на косовските власти кои му дадоа високо одликување и статус почесен граѓанин. Тој остана и голем поддржувач на Kосово и на албанските интереси во регионот. Така, во 2010 година во интервјуто за албанската телевизија „Топ-ченел“ изјави дека ја поддржува идејата за обединување на Kосово со Албанија и за создавање голема Албанија.

– Мислам дека постојат многу причини жителите на Kосово и на Албанија да размислуваат за заедничка иднина и ако дојдат до позитивен заклучок, тогаш нека им биде – рече Вокер во тоа интервју.

Случај „Рачак“ се случи во периодот кога се водеа преговорите во Рамбуе и кога српската страна не прифаќаше воведување протекторат врз Kосово од страна на западната алијанса.

Во интервјуата за „Дневник“ пред четири години Вокер рече дека кога го изјавил тоа за масакрот во Рачак, тоа веднаш се нашло на насловните страници на весниците…

– Ако имаше некоја друга актуелна вест и ако Рачак не беше на насловните страници, можеби немаше да има интервенција. Можеби НАТО немаше да се ангажира. Има многу случајни околности. Но, имаше и чувство на срам дека требаше да сториме нешто кога експлодира Босна и кога имаше голем број мртви во Сребреница. Јас во Kосово дојдов од источна Славонија каде што ја водев мисијата на Обединетите нации, каде што постојано имаше страв дека Србите или Хрватите или некоја од трите фракции во Босна ќе сторат нешто навистина незамисливо. Но, дури со Kосово се создаде свеста дека мора да се интервенира. Милошевиќ во Kосово влечеше неверојатно глупави потези. Не беше само Рачак, имаше и други масакри и тоа постепено стана вест за насловните страници. Kосовците беа среќни што насловните страници на весниците не беа полни со други вести, што уште некој друг дел на светот не експлодира во исто време – рече тој.

ФИНСКА ФОРЕНЗИЧАРКА ИЗЈАВИ ДЕКА ЕКСПЕРТИТЕ БИЛЕ ПОД ПРИТИСОК

Финската форензичарка Хелена Ранта во 2008 година изјави дека Вилијам Вокер, поранешниот шеф на Мисијата на ОБСЕ на Kосово, вршел голем притисок врз експертите од меѓународниот тим за истражување на настаните во Рачак во1999 година.

Во извештајот, предаден на 17 март, беше заклучено дека нема доволно докази оти лицата загинале во престрелка со српските сили за безбедност или дека нивните униформи подоцна биле заменети со цивилна облека.

Во својата автобиографска книга Ранта тврди дека Вокер во една пригода ја гаѓал со молив бидејќи не бил задоволен од извештајот. Финската форензичарка раскажува дека Вокер се налутил зашто таа не користела „доволно убедлив јазик за српските злосторства“, па скршил молив и ги фрлил парчињата во неа. Таа тврди дека и тројца цивилни службеници од Министерството за надворешни работи на Финска ~ побарале да напише „подлабоки заклучоци“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top