Случајно или не, но истиот ден кога заврши струмичкиот карневал, паднаа и маските на Заев и на врхушката на СДСМ. Иако, да бидеме реални, маската на, во моментов, најпознатиот струмичанец е одамна трагикомично проѕирна. Арно ама, во време кога неговите сограѓани се маскираа, Заев и, дефинитивно, се демаскираше и славеше потписи. И додека муртинскиот спасител на сдсмовштината во државата (повеќе на сопствениот задник) со патолошка желба за мандатар се дотеруваше и психички се подготвуваше за својот најголем ден во патетичната кариера, растреперен од утрешното деби пред Иванов и побарувањето „изим“ да ја дотолчи државата, тој доби подадена рака од спротивниот, македонски табор. Да, македонски затоа што неговата толпа на „Павел Шатев“ сега, но и од многу поодамна, може да се нарече секако, само не македонска.
Соочени со извесната можност за СДСМ од шансата која му ја овозможија измеќарите на чадорот во албанските партии и опасно надвиснатиот меч над татковината, ВМРО-ДПМНЕ собра сила и им понуди на СДСМ и на Заев целосна поддршка за т.н. малцинска влада. Условот беше еден и единствен, требаше само да не ја прифатат албанската платформа составена од самиот чадорџија на заминување, а предадена и, демек, одобрена од Рама и од Тачи. Колку да добие на „тежина“, нели. Поверојатно, за да им набие страв на Македонците, кои, за нивна жал, одамна престанаа да консумираат нафта. Добро, само еден дел. На другите љубители на шарена, нејасна и на неизвесна иднина, познати како Македончиња, оваа течност и натаму одлично и скапо им се продава. И им годи. Истовремено, цената на нивната слабост и на зависноста од потребата за купување „тестиси за бубрези“ ја плаќаат другите сограѓани. Сите ние…
Чуму СДСМ премолчи за најсуштинското во понудата на ВМРО-ДПМНЕ
Груевски јасно и без задршка му се понуди и себеси на Заев. Без заобиколување, јавно му понуди безрезервна поддршка: „Му порачувам на Заев и му давам јасна понуда, доколку по секоја цена е решен да стане премиер и доколку цената за тоа се работи кои ќе им направат штета на темелите на државата, лично му нудам ако се откаже од спроведувањето на таа агенда, ќе му дадеме поддршка да биде малцинска влада во период во кој ќе се договориме, и ќе има поддршка за сите закони, освен за тие за редефинирање на државата, кои се понижување на другите етнички заедници. Ќе има поддршка за сè, освен ако се работи за закони што удираат на темелите на нашата држава, за сè друго, ако го донесат албанските партии на власт, ние сме тука да застанеме, да му дадеме поддршка и да има 100 пратеника што ќе го поддржуваат само да запре со уривање на националните и на државните интереси“.
Свесен за создадениот и за постојано злоупотребуван мит за криминогеноста на ВМРО-ДПМНЕ, создаден и разработен од „професионалните“ медиуми и солидно дополнет од СЈО и од другите статисти во чадоровото сценарио, Груевски не заборави да му нагласи на „чесниот“ Заев: „Ако му е голема желба да нѐ малтретира, да нè апси, еве јас се пријавувам како прв, доброволно, нека ме малтретира, апси, нека удри по мене, само нека ја остави државата“.
Одговорот од СДСМ беше експресен, настрана безобразно патетичен. По навика. На подадената рака за национално помирување, во моментов најголемата албанска партија во Македонија (според анкетата на ТВ „Телма“) испрати брз и извртувачки абер. Не за друго, затоа што и не знае поинаку. А и не смее. Од друга страна, на шега или не, Груевски со ова повторно го почитуваше правилото „победник со победник“ нудејќи ѝ поддршка на најголемата албанска партија (Анкетата вели – СДСМ 20 проценти кај Албанците, БЕСА 16 проценти, ДУИ 15 проценти)
Преполн со само нему разбирливата „итроштина“ во себе, СДСМ му одговори дека, верувале или не, но „мнозинството граѓани, повеќе од 612.000, храбро и сплотено избраа промени, избраа живот и подобра иднина“. И додека барон Михаузен црвенееше од срам што некој одамна го надмина и не престанува со тоа, во продолжението од писанието од партијата на двапати аболираниот лидер не заборавија да нагласат дека Груевски и неговите најблиски соработници ќе одговарале пред институциите на системот. Настрана, повторно се излажаа. Од брзање нели. Или, можеби, не им оди математиката. Па логично е дека безобразната бројка од лудите 612.000 гласови требаше да прерасне во 698.796. Што стана со 86.796 гласови на Ахмети, кој на Заев му ги даде решавачките потписи? Поверојатно, не ќе да е до веселата математиката, туку, очигледно, не се баш на чисто со Ахмети и со неговата љубов кон не толку ближниот Заев. Друг проблем во недоветниот одговор на СДСМ е што заборави да каже дали тие, биле макар и 612.000, како што безобразно лажат, „избраа промени, избраа живот и подобра иднина во албанизирана Македонија?!“ Би било фер да каже дали макар и нивните 436.981 глас, од кои барем 350.000 се Македонци, гласаа за редефинирање на државата? Јасно и гласно, Заев ја одби понудата што требаше да ѝ стави крај на безобразната тиранска платформа.
Реално и очигледно, СДСМ не одговори на подадената рака за зачувување на унитарноста на Македонија. Со ниту еден збор, освен со извртувањето, не ги кажа своите аргументи зошто не би се согласил на ваква великодушна понуда за безусловна поддршка, во која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ „на тацна“ се понуди себеси и ја стави во залог сопствената слобода. А сѐ што требаше е да ја одбие двојазичноста, бинационалните пари, униформи, по кои следува и тоа на буквата „Ф“, чин со кој ќе ги зачуваа унитарноста, јазикот, името, химната, знамето, грбот…
Очигледно, долговите кон тие што му го овозможија изборниот резултат (не зборуваме само за Албанците) и изнудената Алиева некооперативност кон довчерашните коалициски партнери (барем според видеата, остари 10 години за еден месец) се страшно големи. Понудата на ВМРО-ДПМНЕ за влада со 100 пратеници, индикативно и симултано, ја премолчеа ЕУ, САД, НАТО и другите душегрижници. А толку посакуваа некаква влада на широка основа? Ја доби, поширока здравје, громогласно ја премолчи идејата за еден ден подоцна (по ЕУ и НАТО) да се јават САД и да соопштат дека се согласувале дека е итно потребна влада (читај со мандат за Заев). Епа, чеда евроатлантски, чуму кога Груевски го доби мандатот не го кажавте истото? Знаете, прокиснатиот чадор, па и не е баш некоја заштита, а дупките „дречат“ од авион…
Теута го „переше“, Тито го издаде
Веројатно, кога би биле поранешни „комунисти“ најболна работа би била да ве издаде Тито. Нели? Епа токму тоа му се случи на Заев, чин, кој, веројатно, тешко ќе го преболи, макар бил и од Петковски. Истиот тој Тито, носителот на најексјуносталгичното име кај врхушката на СДСМ, име што буди топли сеќавања на едно време кога беа единствена партија, во систем и држава што ја сакаа и сакаат повеќе од денешната, „не сакајќи“ го издаде Зоран. Си призна дека се планира промена на името,знамето, грбот и на химната. Ама не нагло, прво преку дебати. За да не го „здоболи“ наеднаш народот, истиот тој, кој не се свесни дека поради нивните глупости и пазари е доведен до раб и е подготвен на екстремна реакција поради социјалдемократската шаренобојна, антинационална авантура.
Како во „предметите“ на Катица, која е толку добро истренирана што овој пат не дочека ни да ѝ кажат „оп“ за да скокне и помогне во падот на рејтингот на СДСМ предизвикан од националното будење и протестите против Заевата албанизација на државата, на Заев по бељата со Тито му „се вмеша“ уште еден лик на „Т“.
Теута требаше да го засени Тито, па „плесна“ дека и од ВМРО прифатиле двојазичност. Најголемата поддржувачка на коалиција со СДСМ и против таква со ВМРО-ДПМНЕ, не издржа и соопшти дека и тие го прифатиле истото?! Инвентивно, нема што. Недостигаат уште двајца од тројцата најлоши градоначалници на ДУИ и најзасегнати за љубов со СДСМ да го кажат истото. Да, Невзат и Изет. Или, сепак, додека се печатеше неделникот, го кажаа? Многу веројатно. Знаете, Муса Љамалари имаше право. СДСМ не е македонска, туку е идеолошка партија. Ако не верувате, прашајте ги Теута, Невзат и Изет.
„Новата“ историја на Заев, Касами, Села и на Али…
Уште една работа „бодеше“ очи во настапот на Заев и на неговата партија. И тој и неговиот СДСМ се согласуваат дека на 27.2.2017 година „лидерот“ пишувал историја. Одејќи по мандат кај Иванов, кој до вчера со ДУИ не го ни признаваа за претседател на државата (слично како и Катица Собранието што ја избра) Заев насмеан до уши соопшти : „Ова е историски ден за Македонија!“
Што мислеше притоа и дали првпат во својата блескава кариера Заев беше искрен и не кажа лага? Има рок од два дена за верификација на констатираното. По востановената практика и шема, 48 часа е рокот за самодемантирање на кажаната лага. Така, ќе излезе ли и ќе каже ли: „Тоа не беше историски ден за Македонија!“ Можно е да го демантира и самата партија, слично на Божик 2014 година, кога по средбата со еврокомесарот Филе, Заев изјави дека зборувале и за решение за името. По неколку часа, го демантираше сопствената партија и го исправи кажаното од самиот лидер. Не, не зборувале за името. Слично како Берн, двојазичноста, федерализацијата. Некој некого постојано го исправа, а некој недоветен (множина, броена во илјади) верува ли верува.
Арно ама, сега Заев нема да се самодемантира. Со гаранција. Потсвесно или не, Фројдовски комплекс или друго, но многу веројатно тој пак ќе си се издаде и ја кажа вистината што го притиска и мачи. Заев, многу веројатно, искрено соопшти дека мандатот за него значи нова историја за Македонија. Една друга, двојазична, бинационална држава, која полека, но сигурно ќе минува кон следната фаза, наречена федерализација. Да, 27.2.2017 година може да биде историски, ама црн историски ден за Македонија. Ден, кога почна уништувањето на една и единствена, унитарна македонска држава, која по овој датум прерасна во нешто поинакво.
Јас лично, не го посакувам овој ден во историските читанки. Воопшто, би сакал февруари да го паметам по херојскиот партизански Февруарски поход во 1944 година, воена акција што имала силна улога во ослободувањето на тогашна Македонија, спроведена со жртвата на починатите и темелена на непокорот и на голготата на живите, истите тие, кои ако биде по Заево, вршеле геноцид врз албанското население. Надежта останува во народот, потомок на истиот тие партизани, комити, Калеш Анѓи и бранители, народ што многупати во истата таа историја ги поматувал сметките, сценаријата и плановите на опортунистичките „писатели“ на ваквите недоветни читанки…
Русјаков: Не дека не сака, Заев не смее да ја прифати подадената рака
Текот на планетарното политичко дејствување го диктираат светските центри на моќ, вели писателот и режисер Александар Русјаков, според кој така било порано, така е сега, а така и ќе биде затоа што одамна престанавме да бидеме духовни битија.
Русјаков: Политиката е континуитет, во неа нема случајности. Понекогаш тој континуитет е тинтрање (Грција), понекогаш е укинување до непостоење (Македонија). Нас во континуитет нѐ ништат, и кога сме сакале да создадеме држава и сега кога ја имаме. Особено сега, од независноста наваму. Во континуитет, чекор по чекор, од прифаќање на идиотското ФИРОМ, до Договорот од Пржино, а еве и создаванава платформа во друга држава со амин на поранешниот директор на ЦИА. Проблемот е што нашите дејци, револуционери, политичари секогаш дејствувале или прерано или предоцна. Кога битката е речиси загубена. Така е и сега. Предлогот на Груевски е добар, ама задоцнет. На сегашното најавено менување на Уставот, претходеше јасно, недвосмислено антиуставно дело наречено Договор од пржино. Сите негови потписници извршија злосторство против државата. Затоа што или не ја познаваат светската игра на континуитет, или се страшливци или одработувачи.
Човекот станува вистински човек кога ќе научи да го љуби својот непријател, без ова не сме луѓе, туку егоизам затворен во материја.
Сега раката е подадена и велам, добро е тоа, но другата страна нема да ја прифати. Не затоа што, можеби, длабоко во себе не сака, туку затоа што не смее. Да му подадеш рака на Заев е исто како да му бараш извештај на портирот за работата на директорот. Заев ниту нешто смислил, ниту нешто спровел, ниту е на него да решава. На Заев, кога ќе стане власт ќе му биде дадена моќ да заработи или да се одмазди, понатаму нема да смее да оди.
Тоа што го гледаме изминативе две години нема врска со Заев. Тој е тука затоа што ангажираните андроиди (странци) од страна на светските центри на моќ процениле дека тој е добар да биде маша што ќе го разбуричка жарот за да пламне. Толку. Како илјадници примери досега во светската историја. Затоа сето ова со понудата и нема некоја конкретна логика бидејќи, од другата страна, не одлучува човекот кому му е упатена.
Од СДСМ нешто глумат, демек не преговарале со криминалци. Па имаат бланко понуда дека ќе бидат власт, дека ќе имаат поддршка, па ќе можат имунитети да одземаат, а судот да суди. Нека ги судат криминалците без да ги удираат последните шајки во македонскиот идентитет. Е сега, бидејќи се дале под кирија, вадат флоскули за непреговарање со криминалци затоа што си мислат дека сите сме поминале процес на зомбификација својствена за некои невладини.
Затоа што, замислете да ја прифати во форма каква што му е понудена, ем СДСМ на власт, ем смирување на страстите, ем една форма на почеток на семакедонско обединување. Е ама да смее…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 235. број на неделникот „Република“, 3.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.