| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров: Албанската платформа подготвена во Тирана е класично мешање во внатрешната политика на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против Албанците и не презема апсолутно никаков чекор да ги стави во подредена ситуација, изјави потпретседателот на владата Никола Тодоров во интервју за ТВ НОВА.

-Албанците се наши соседи, пријатели, јас имам многу пријатели Албанци и тврдам дека со ниту еден чекор не сме направиле нешто против нив. Она што се случи – платформата зад која застана премиер на друга држава е нешто што сериозно предизвикува конфликт или недоразбирање во општеството. Не ми е јасно која беше потребата на албанските партии од Македонија, некој од друга држава да ги организира како да настапат и да им гради стратегија за нивниот однос кон Македонија. Тоа е класично мешање во внатрешната политика на земјата- истакна Тодоров.

Вицепремиерот порача Албанците да размислат и „да се стават во чевлите“ на Македонците, за да разберат зошто се противат на тиранската платформа.

-Доколку албанските партии од Македонија искрено ја сакаат оваа држава и сакаат да заврши политичката криза треба да ја отфрлат платформата. Ако Албанците кои се нашите соседи, пријатели имаат мака, за таа мака треба со нас да разговараат. Сите проекти сме ги правеле и за нив, за сите граѓани на Македонија, субвенции, здравствени установи или патишта. Не сме граделе само за Македонците или Албанците, работевме за сите граѓани на Република Македонија- рече Тодоров.

Додаде дека дополнителен  проблем е што во Македонија се појави силна конфронтација помеѓу Македонците.

-Дополнителен проблем е што во Македонија се појави силна конфронтација помеѓу Македонците , брат со брат, сосед, пријател се расправаат до тој степен што се расцепува македонското ткиво. Може да не се согласуваме за некоја дневно политичка тема, но не може да се расцепува националното ткиво од политички причини до крајна мера. Затоа сметаме дека брзи избори ќе ја решат состојбата- заклучи Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top