Српскиот актер Милан Васиќ ја толкува главната улога, ликот на Мане, во продолжението на „Зона Замфирова“. Поминаа 15 години откако беше снимен првиот филм за убавата Зоне, ќерка на чорбаџија, и за Мане, златарот. Во продолжението на филмот сценаристите напишаа приказна за тоа што се случува во бракот на вљубените Мане и Зоне две години по нивната венчавка. Дејството на филмот се одвива меѓу 1905 и 1908 година, а во филмот е прикажана љубовта и проблемите со кои се соочува младата брачна двојка.
Поголемиот дел од екипата беше дојден во Скопје за да го промовира филмот и тоа беше повод да направиме интервју со Милан Васиќ.
Дојдовте да го промовирате Вашиот последен филм „Зона Замфирова 2“. Како Ви се допаѓа ликот на Мане? Дали се пронаоѓате во неговиот лик или пак тој Ве потсетува на некого кого го познавате?
ВАСИЌ: Мане многу личи на Милан. Ликот на Мане за мене е круна во досегашната кариера. Мислам дека овој лик е еден вид пехар, кој го добив, бидејќи јас овој лик многу го сакам. Многу ми е драго дека токму јас ја добив шансата да го толкувам ликот на Мане.
Ова е филм за семејството, но и за општеството. Дали љубовта може да ги победи класните разлики?
ВАСИЌ: Дефинитивно, може. Јас сум многу семеен човек и сите го знаат тоа. Многу сум приврзан за своето семејство. Добро е што овој филм покажува дека вистинската љубов може да ги победи сите пречки во животот. А пречки во животот има многу и тие треба да се совладаат, а љубовта е тука за да помогне. Верувам во љубов и верувам дека љубовта може да победи сѐ.
Зошто денес е тешко да се одржи една врска или брак?
ВАСИЌ: Основен проблем, според мене, е брзината на влегување во каква било врска. Во моето време, пред петнаесетина години, потешко и побавно се влегуваше во врска. Ако ви се допаѓа некоја девојка прво ја каниш на кафе, па разговарате, ги запознаваш нејзините добри и лоши страни. Кога ќе станете момче и девојка, дури тогаш може да кажете дека се сакате. А денес се влегува во врска за три дена. За шест месеци „пука“ врската. Таа ќе затрудни, а тој ќе ја остави. Времето стана малку „болно“. Премногу брзо се живи и премногу брзо се влегува во што било.
Вие ја пеете и насловната песна во филмот.
ВАСИЌ:Ова е ми е прво искуство да пеам насловна песна за филм. Среќен сум што ја имав таа чест да ја пеам песната што има повеќе од еден милион прегледувања на „Јутјуб“. Во филмот пеам уште една песна, во живо. Велат дека многу луѓе плачат на таа песна.
Во филмот соработувате и со нашиот Никола Ристановски. Како беше да се глуми со него?
ВАСИЌ: Освен со Ристановски, во филмот соработувам со уште еден Македонец, Александар Ристоски, кој јас го прифатив како роден брат. Тој ќе биде голема актерска надеж и на Македонија и на Србија. Тој е Македонец што студира глума во Белград. Првпат работев со Ристановски и имав одличен однос. И двајцата се одлични глумци – Ристановски за повозрасната генерација, а Ристовски за младата. Би сакал и понатаму да работиме некој проект заедно.
„Зона Замфирова 2“ е еден колоритен филм, како бајка. Тој е приказна за Србија во почетокот на 20 век. Има ли шарм во тој период?
ВАСИЌ: Публиката треба да го гледа „Зона Замфирова 2“ бидејќи тој го покажува најубавиот дел на Србија, Србија како убава земја, без насилство и дрога, без какви било пороци. Прикажува чиста љубов, песна, веселба.
Постојат ли денес бегалки или, како што ги викаат во филмот, „побегуљи“? Можат ли денес жените и девојките да го издржат притисокот на јавноста?
ВАСИЌ: Денес поголемиот дел од жените се „побегуљи“. Денес еден просечен брак трае две години. Или таа си заминува, или тој. Денес нема бракови како тој на моите родители, на пример, кој трае еве веќе 42 години. Денес има многу самохрани мајки што имаат дете од една година.
Кој е Вашиот следен проект?
ВАСИЌ: Уште не размислувам за следниот проект. Засега го промовираме филмот и уживам во тоа. Имам претстава во „Школа за љубовници“, која ја играм и во Македонија. Тука сме многу добро прифатени, салите се секогаш полни. Кон крајот на месецот имаме три претстави, по една во Скопје, Битола и во Штип. Ја сакам Македонија, сакам да доаѓам тука и да пеам.
Како е да се биде актер денес во Србија?
ВАСИЌ: Мене ми е добро. Јас се трудам да работам колку што е можно повеќе. Ако ја работите работата што ја сакате, тогаш имате џекпот. Незгодно е ако сте актер, а не работите како актер. Тоа е како да сте фудбалер, ама не играте за првиот тим, туку седите на клупата. Секогаш им велам и на помладите – работете сами, работете приватно, трудете се.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 234. број на неделникот Република кој излезе во печат на 24.2.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура