| четврток, 6 декември 2018 |

Експертите предупредуваат: Земјоделците да внимаваат какви сорти ќе одберат за сеидба

agro

Есенските посеви како ретко која година се во добра состојба. Ниските температури не предизвикаа штети кај оние што беа покриени со снег, но евидентни се штетите кај оние чија површина не беше под снежна покривка.

Според Агробизнис комората при Сојузот на стопански комори (ССК), најзагрозени од невообичаено ниските температури што ја зафатија Македонија, се овошките и лозјата каде штетите се проценуваат на околу 30 до 70 проценти.

– Ниските температури што зимава достигнаа минус 20 степени, ланските поплави и моменталните пролетни температури кои се типични за мај, а не за февруари, укажуваат на се поголемото влијание од климатските промени. Затоа е неопходно земјоделците да внимаваат какви сорти ќе одбираат за претстојната сеидба – нагласи претседателот на Комората Огнен Оровчанец на прес-конференција.

Мора, потенцира Оровчанец, да се дадат насоки за употреба на одредени сорти и хибриди кои ќе бидат поотпорни на суша и нови болести.

Тој уште еднаш укажа на неопходноста од примената на нови технологии во земјоделството, вклучувајќи ги системите за наводнување на помали површини со цел рационално користење на водата и намалување на загубите, системите за навигирање на механизацијата од далечина, како и дроновите и другите беспилотни летала за ѓубрење, прскање или следење на површините.

Минатата година под есенски посеви биле 131.641 хектар од кои 29.524 засеале земјоделските претпријатија, а 102.117 индивидуалните стопанства. Житните култури зафаќаат 125.208 хектари или околу 95 отсто од ораниците со најголемо учество на пченицата, 74.164, и јачменот, 48.033 хектари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top