| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел официјално номинирана за водечки кандидат на својата партија во Мекленбург-Западна Померанија

Ангела Меркел денеска беше официјално номинирана за водечки кандидат на својата партија – Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во провинцијата Мекленбург-Западна Померанија, информира АП.

Меркел ја доби поддршката на 95 проценти од делегатите на партискиот конгрес во северозападната провинција. Изборното нејзино место уште од 1990 година е во градот Штралзунд.

Истражувањата покажуваат дека Меркел неочекувано се соочува со сериозни предизвици, кои доаѓаат од социјалдемократите, кои го избраа поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц за кандидат на партијата за канцелар.

Меркел не го спомена Шулц во денешниот говор, но ги пофали реформите на својот претходник социјалдемократот Герхард Шредер, од кои некои Шулц објави дека може да ги примени.

Германија мора да ги исполни своите обврски во рамките на НАТО и да ги зголеми трошоците за одбрана до 2 проценти од бруто домашниот производ (БДП), изјави денеска за време на конгресот Меркел, цитирана од агенциите.

„Ова ќе го бараат од нас и останатите, и мислам дека тие се во право“, истакна таа.

Истовремено, претседателот на парламентарната група на Социјалдемократската партија во Бундестагот, Томас Оперман, во контекст на дискусијата за зголемување на трошоците за одбрана, предупреди за опасност од трка во вооружување во Европа. „Ние не треба да правиме грешка и да влегуваме во нова трка во вооружување“, рече тој денес пред сопартијците во Ерфурт.

Во моментов Германија троши 1,2 отсто од својот БДП за воени потреби. Според нацрт, претставен минатата година, за одбранбени цели и безбедност во текот на оваа година се предвидуваат над 37 милијарди евра. За да ги исполни критериумите на НАТО за 2 проценти од БДП, Берлин треба да ги зголеми трошоците за одбрана до околу 58 милијарди евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top