| четврток, 6 декември 2018 |

Почнуваат Саем за градежништво и Саем за недвижнини

Наредната недела, од 28ми февруари до 04ти март, ќе се одржат 14от Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација и 7от RealExpo – Меѓународен саем на недвижности – саеми кои се од клучна значајност за промоција на најголемите стопански гранки во Република Македонија.

На Саемот на градежништво ќе се нудат и продаваат производи и услуги за работа, одржување, модернизирање, реновирање и опремување објекти и имоти. Бројот на изложувачи и оваа година достигна голема бројка на компании кои ќе бидат распоредени во три саемски хали. Целта на Саемот на градежништво е да го задржи и промовира растот на оваа стопанска гранка и да им понуди на посетителите директен пристап до најдобрите компании кои функционираат во овој сектор. Воедно, саемот се очекува да привлече и голем број на експерти кои ќе ја имаат можноста да се запознаат со новите трендови во градежништвото.

На Саемот за недвижнини – RealExpo ќе учествуваат голем број на компании кои ќе ги изложат своите понуди за станбени објекти. На овој саем посетителите ќе ја имаат можноста да разгледаат голем опус на станови како една од најважните животни одлуки.

За време на саемот, експерти од областа на енергетската ефикасност ќе ги презентираат мерките и придобивките од воведување на системи и методи за енергетска заштеда. Енергетската ефикасност полека станува значаен дел од градежната индустрија и заинтересираните граѓани за време на саемот ќе ја имаат можноста да се запознаат со најдобрите начини за заштеда на енергија во објектите.

Истакнуваме дека на 03.03.2017 во 15.00 часот во Дипломатик салата на Скопски саем ќе се одржи и ТРИБИНАТА на тема „Вредноста на македонската архитектура денес“ во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Скопски саем. На трибината ќе се разговара за вреднувањето на професијата архитект во Македонија, цените на проектирање по кои работат архитектите и нивото на квалитет при имплементација на проектите во градба. На трибината е планирано да говорат архитекти од пракса.

Промоцијата на енергетската ефикасност на Саемот на градежништво е поддржано од Швајцарската Амбасада во Република Македонија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME – Increasing Market Employability). Се работи за програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од  водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.

Халк Банка специјално за време на саемите ќе го промовира новиот КОМФОРТ станбен кредит со најповолни услови на пазарот. Со овој кредит граѓаните ќе добијат 3,5% фиксна годишна каматна стапка за првите 3 години и 4,8% варијабилна каматна стапка за остатокот од периодот и можност за максимални 30 години рок на отплата. Дополнително со секоја апликација корисниците на овој станбен кредит добиваат електронско банкарство и мастер кард кредитна картичка без членарина за првата година.

Воедно, и Охридска банка Сосиете Женерал за посетителите на Саемот на градежништво 2017 креираше специјална понуда за Станбен кредит со фиксна каматна стапка до 2030 година со вклучено кредитно животно осигурување. Имено, лицата кои ќе го посетат Саемот на градежништво,  добиваат ексклузивна можност да ги искористат придобивките и промотивните услови за станбен кредит од концептот ПЛАН ЗА СТАН,  како:  дополнително намалена каматна стапка од 3,60% за првите три години и 5,60% каматна стапка од четвртата до 2030 година, без трошоци за одобрување и трошоци за апликација. Овие промотивни услови за валидни за сите апликации до 30.04.2017, со приложување на промотивниот материјал кој клиентите можат да го добијат на  штандот на Охридска банка Сосиете Женерал во рамките на Саемот на градежништво 2017.

Свеченото отворање на двете саемски манифестации е на 28.02.2017 во 11.00 часот во Метрополис Арена. Цената на влезницата за посетители изнесува 80 денари, а за групна посета е 40 денари.

Работното време е од 10 до 19 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top