Македонското патриотско здружение „Тврдокорни” денес организира марш под мотото „Македонски марш – завет за Македонија“. Маршот ќе почне денес во 17 часот пред Соборниот храм на МПЦ во Скопје, а ќе заврши до паркот „Жена-борец”.
Здружението ќе се обрати до владините коалициски партнери од кои ќе бараат детали од договореното во Мала Речица.
„Секој молк или одговор кој нема да е во склад со македонскиот Устав и законите, ќе биде мотив повеќе здружението преку протести да ги повика виновниците на одговорност кои нема да бидат од церемонијален карактер и низ разни облици на побуна секојдневно ќе се вршат легитимни притисоци додека не се повлечат штетните одлуки“, се вели во соопштението на „Тврдокорни“ кои сакаат да дознаат дали со „подзаконски акти или дотерување на постоечките закони, некој притаено ќе се обиде да нѐ донесе пред свршен чин од низата сепаратистички барања на албанските политичари“.
Во известувањето „Тврдокорни“ информираат дека денешниот марш е најавен пред 10 дена и затоа, како што велат „не може да постои предумисла за правење немири при евенталното создавањето или несоздавање Влада“.
„Ако дошло до поклопување на термините тоа е сосема случајно. Во врска со создавањето на Влада, МПЗ „Тврдокорни“ од понеделник, со јавен писмен допис ќе се обрати до евентуалните владини коалициски партнери, каде што ќе се бара ЈАВНО да се одговори: што е договорено во Мала Речица! Секој молк или одговор кој нема да е во склад со македонскиот Устав и законите, ќе биде мотив МПЗ преку протести да ги повика виновниците на одговорност кои нема да бидат од церемонијален карактер и низ разни облици на побуна секојдневно ќе се вршат легитимни притисоци додека не се повлечат штетните одлуки!“, се вели во известувањето.
МПЗ „Тврдокорни“, велат дека никогаш не би имале против коалиција на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ со кои било албански партии кои се лојални на позитивните македонски закони.
„Она што нас длабоко не засегнува е прашањето – дали со подзаконски акти или дотерување на постоечките, притаено ќе се обидуваат да подметнат нов и веќе предзавршен чин од долгата редица на сепаратистички барања на албанските политичари!“, се вели во соопштението во кое членовите на здружението се повикуваат да дојдат на протестот во црна облека и со македонски знамиња и други ознаки, а не со партиски обележја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.