| четврток, 6 декември 2018 |

Голема полициска акција: Се тресат функционери во МВР и бизнисмени од повеќе македонски градови

Се делеле пари, се условувале на вработувања, се делеле тендери за финансирање на партиската кампања- вакви изборни нерегуларности во Струмица, Куманово и Скопје истражуваат обвинителите за организиран криминал. Обвинителството преку соопштение информираше дека се во тек повеќе предистражни активности кои треба да расветлат случаи на незаконско финансирање кампања и поткуп на гласачи за изборите во 2014та и 2016та година.

Вклучени биле и поранешни функционери на МВР како и лица и фирми од овие градови.

Постојат основи на сомнение дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето преку различни форми за време на изборите, со што ги сториле кривичните дела, појаснуваат од Јавното обвинителство.

Според неофицијалните информации од истрагата обвинителите работат на повеќе случаи кои се однесуваат на Социјал-демократскиот сојуз.

Сомнежот за незаконско постапување на СДСМ се однесува и на изборите во 2014 и на предвремените избори во 2016.

Неофицијално, истрагата се однесува на купување илјадници гласови. Потрошени биле стотици илјади евра.

Во март минатата година обвинителите влегоа во општина Струмица и одземаа службени компјутери а на распит повикаа 10 лица вработени во општинската администрација. Тогаш обвинителството соопшти дека се истражува изборен поткуп за парламентарните и претседателските избори во 2014.

Два дена по изборите на 11 декември полицијата изврши претрес во домот на началникот на СВР Куманово кој беше поставен од техничкиот министер Оливер Спасовски по наредба на обвинителството за организиран криминал. Сомненијата беа дека се вршел изборен поткуп со делење на дрва за огрев. Во Струмица беше регистриран случај на поткуп, а функционери од струмичката полиција, пред камери им симнуваа лисици на осомничените и ги ослободуваа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top