| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на КПД Струга не е уапсен во вчерашната акција

Директорот на затворот во Струга, Арменд Шаќири не е дел од приведените лица во полициската акција на МВР во струшкиот регион, при која беше разбиена криминална мрежа за дистрибуција и продажба на дрога и оружје, објавува „Сител“.

Според информациите на телевизијата, полициски инспектори направиле разговор со директорот Шаќири во простории во Казнено поправниот дом, поради можноста тој да направил злоупотреба на службената положба со поддржување нелегални активности.

Извршен е претрес и во службените простории во Казнено поправниот дом од отворен вид во Струга, како и во просториите каде лицата А.Р. и К.М. издржуваат казна затвор, при што е пронајдена и одземена документација, стои во соопштението на МВР.

Во акцијата биле уапсени седум дилери на дрога, а еден е сеуште во бегство. Карактеристично за оваа група е што членовите се лица кои веќе се осудени и веќе издржувале казна во затворот во Струга. Еден од уапсениет е стружанецот Р.К. по кого имало потерница за издржување на казна затвор од 13 години, поради „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.

Истрагата утврдила и дека на криминалната група и помагал и инспектор од ПС Струга и против него ќе бидат преземени соодветни мерки. Двајца од приведените се албански државјани. Со својот автомобил тие биле паркирани пред затворот во Струга. При обидот да бидат легитимирани, не поседувале документи за идентификација, а при прегледот на возилото, пронајдена е марихуана.

Од МВР соопштија дека ќе продолжат со активностите за обезбедување материјални докази за други лица поради постоење на основи за сомнение дека се сторители на кривични дела, злоупотреба на службена положба и по целосно документирање на случајот ке биде известено надлежното јавно обвинителство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top