| четврток, 6 декември 2018 |

Деца раѓаат деца: Во Македонија расте бројот на мајки- малолетнички

Се повеќе деца раѓаат деца. Малолетничката бременост во државата е со загрижувачки податоци, предупредуваат од невладиниот сектор, а ништо не е подобра ни статистиката за абортуси кај малотеничките.

И додека во европските земји бременоста кај деца под 18 години се движи околу 6,5 отсто, кај нас ова стапка се искачува на 20 отсто или годишно има околу 1.700 деца под 19 години што се одлучуваат да родат дете. Во родилиштата во Скопје потврдуваат дека нивната практика покажува дека се’ повеќе се појавуваат деца што ја истеруваат бременоста до крај.

Овие деца го загрозуваат сопственото здравје, бидејќи не е исто да раѓа жена со веќе развиени репродуктивни органи, и девојка која е во пубертет и во развој, каде што хормонскиот статус не е се’ уште избалансиран. Кај овие родилки најчест здравствен ризик е зголемен крвен притисок или, пак, може да има и други здравствени проблеми со срцето.

Овие малолетни мајки најчесто децата ги оставаат на посвојување, многу ретко се случува да се одлучат да го чуваат бебето, со исклучок ако немаат поддршка од родителите.

Малолетните мајки се од различни националности, но доминираат оние од ромската.

Да го родат детето, овие малолетни мајки се одлучуваат, како што велат гинеколозите, зашто на почетокот бременоста ја кријат од родителите, па кога ќе почне да се познава стомакот, веќе е доцна да се интервенира. Друг проблем е што за да се направи абортус на малолетничка, Законот бара да се има писмена согласност од родителите. „ А, зошто кријат од родителите, за на крај да мора да го родат“, велат гинеколозите.

Проблемот, според стручњаците и невладиниот сектор, е што младите се сексуално неинформирани или, пак, погрешно информирани. Ова го покажуваат и анкетите на невладините организации. Само 13,5 отсто од младите користат некаков вид контрацепција, а исто толку млади ги посетуваат советувалиштата за сексуално и за репродуктивно здравје, каде што, освен совети, може да добијат и бесплатни кондоми и антибеби таблети. Поради тоа, децата треба сексуално да се едуцираат од најрана возраст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top