| четврток, 6 декември 2018 |

Денес и утре Охрид е политички центар на Балканот

samit ohrid

Денеска почнува десеттата конференција на претседатели на парламенти. Во пресрет на самитот на шефови на држави и влади на југоисточна Европа реагираа властите на Косово кои не се поканети. Според министерот за надворешни Хоџај, таквиот чин може да ги загрози односите меѓу Скопје и Приштина. Од кабинетот на претседателот Иванов соопштија дека Македонија не може да кани земји без согласност на другите земји за да не се соочи со евентуален бојкот на конференцијата.
Со конференцијата што почнува денеска ќе претседава претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, а, како што е најавено, ќе присуствуваат претседателот на бугарското Национално собрание, Михаил Миков, хрватскиот спикер на Парламентот, Јосип Леко, претседателот на Претставничкиот дом на Романија, Валериу Згонеа, и потпретседателот на Сенатот, Флорин Констатинеску, претседателот на српското Национално собрание Небојша Стефановиќ, претседателот на турското Големо национално собрание, Џемил Чичек, претседателот на словенечкиот Национален совет, Митја Бервар, и потпретседателот на Националното собрание, Рената Брунсколе, како и потпретседателите на Претставничкиот дом на БиХ и на Црна Гора, Милорад Живковиќ и Суљо Мустафиќ.

Поради изборите во Албанија на конференцијата во Охрид нашиот сосед ќе го претставува претседателот на парламентарниот Комитет за надворешна политика, Фатос Беја, додека од Грција ќе присуствува претставник за регионална соработка и партнерство во рамките на ПСЈИЕ.

Освен официјалните претставници, како гости на конференцијата ќе учествуваат заменик-претседателот на Европскиот парламент, Ласло Сурјан, претседателот на Генералното собрание на ОБСЕ, Волфганг Грошрук, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, поранешната потпретседателка на германскиот Бундестаг, Петра Блаз Рафајловски, поранешниот потпретседател на бугарското Национално Собрание, Георги Пирински, како и претставници на фондацијата Фридрих Еберт и Секретаријатот за парламентарна соработка во ЈИЕ.

На конференцијата ќе присуствуваат стотина учесници, меѓу кои има и пратеници, национални координатори, членови на парламентарни делегации, амбасадори и претставници на дипломатските претставништва.

Предвидено е претседателот на Собранието на Република Македонија да одржи билатерални средби со своите колеги од Бугарија, од Србија, со претседателот на Претставничкиот дом на Романија и со потпретседателот на Сенатот, како и со потпретседателот на Европскиот парламент.

Во рамките на ПСЈИЕ на 29 мај во Охрид ќе се одржи Состанокот на политичките директори на Процесот, на 30 мај Шестиот Годишен состанок на Регионалниот совет за соработка (РСС), а на 31 мај и Формалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички во ПСЈИЕ.

Како дел од македонското претседавање со ПСКИЕ на 1 јуни во Охрид ќе се одржи самитот на шефовите на држави и влади на земјите-учеснички на ПСЈИЕ, каде што, како што е најавено, ќе учествуваат претседателите на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Србија, Томислав Николиќ, на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на Албанија, Бујар Нишани, на Романија, Трајан Басеску, на Молдавија, Николае Тимофти, претседавачот со Претседателството на Босна и Хецеговина, Небојша Радмановиќ, бугарскиот премиер Марин Рајков и министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу.

На 2 јуни, пак, во Струга е предвидено и одржување на 11. самит на шефови на држави на ЈИЕ во рамките на форумот „Дијалог меѓу цивилизации“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top