| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на иранската кинематографија во Кинотека на Македонија

По секоја проекција предвидена е дискусија со гости од Иран, а на првата и втората вечер ќе присуствуваат режисерот Шарам Мокри чиј филм „Риба и мачка“ - е добитник на Сребрен лав на Венецијанскиот филмски фестивал во 2013 година, како и неговата сопруга и сценаристка и режисерка Насим Самани

Со прикажување на документарниот филм „76 минути и 15 секунди со Абас Кијаростами“ постхумно посветен на еден од најголемите ирански режисери од Сејфула Самадијан в петок во Кинотеката на Македонија ќе започнат Деновите на иранската кинематографија.

Во рамки на манифестацијата која е подготвена  Кинотеката на Македонија во соработка со ирански културни институции и со логистичка поддршка на Иранската амбасада, публиката ќе има можност да види дела од поновата продукција – пет долгометражни филмови и еден краток филм кој е последен филм на Кијаростами.

По секоја проекција предвидена е дискусија со гости од Иран, а на првата и втората вечер ќе присуствуваат режисерот Шарам Мокри чиј филм „Риба и мачка“ – е добитник на Сребрен лав на Венецијанскиот филмски фестивал во 2013 година, како и неговата сопруга и сценаристка и режисерка Насим Самани.

Амбасадорот на Иран во Македонија Хосеин Карими на денешната прес-конференција истакна дека целта е промоција на иранската култура, како и зближување на односите и културната соработка меѓу двете земји и двата народа.

– Културата и уметноста добиваат на вредноста само кога не се ограничуваат во внатрешните граници, туку кога добиваат можност да излегуваат надвор од земјата и се презентираат пред други народи во други држави, а филмот  еден од највлијателните медиуми во моментот кога се работи за културната соработка, истакна амбасадорот Карими.

Според режисерот Мокри, кој е ученик на Кијаростами, иранската кинематографија е она по што Иран е препознатлив денес во светот, покрај архитектурата и поезијата, а нејзиниот успех се должи на нејзината комплексност во прикажувањето на нештата и постоењето на многу филмски школи.

Тој истакна дека во моментов работи на постпродукцијата на неговиот нов филм „Инвазија“, како и на две нови сценарија заедно со неговата сопруга. Најави и можност неговиот следен филм да го снима во Македонија, за што веќе разгладал неколку локации за време на неговиот престој во земјава, а тоа вели ќе зависи и од обезбедување на потребните финансии.

За Кијаросами, Мокри вели, беше мил, чуден човек, од кого можело многу да се научи за режијата и филмот. Ќе ги памети ставовите ма учителот за тоа каков треба да биде пристапот на режисерот во креирањето на делото, за дигиталната камера која овозможила ново раѓање на кинематографија и инсистирањето на значењето на звукот како можеби, вели, позначаен аспект на филмот од сликата.

Во рамки на Деновите на иранската кинематографија покрај документарецот за Кијаростами ќе бидат прикажани и филмовите „Риба и мачка“ на Мокри, „Мелбурн“ од Нима Џавиди, „Полудениот топ“ на режисерот Аболхасан Даводи, кусометражниот „Однеси ме дома“ на Кијаросмаи и „Денеска од Реза Миркарими со кој ќе се заокружи манифестацијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top