| четврток, 6 декември 2018 |

Меси и Енрике се скараа, тренерот на Барселона дефинитивно си заминува

enrike

Поразот на Барселона од ПСЖ (4-0) на „Паркот на принцовите“, покрена лавина превирања во каталонскиот тим. Информациите од шпанските медиуми велат дека Меси и другите фудбалери му свртеле грб на тренерот Луис Енрике кој на крајот на сезоната си заминува од клубот. А сега веќе не е исклучена можноста и порано да има прекин на соработката. На негово место според најавите, треба да седне поранешниот голман Хуан Карлос Унзуе (49) кој му е актуелен помошник на Енрике и што е уште поважно, фавориот на Меси.

Шпанските медиуми пишуваат дека „соблекувалната на Барселона“ веќе не верува дека Енрике може да ги извлече од тешката ситуација. Лигата на шампионите е речиси веќе загубена, а во шпанското првенство, Барселона заостанува еден бод зад Реал, но со два натпревари повеќе.

Како наследник на Енрике се повеќе се споменува неговиот сегашен помошник, Хуан Карлос Унзуе. Енрике веќе од претходно го најави како своја замена, а што е поважно, Меси го обожава Унзуе, а тоа е голем плус за него и важен сегмент во кадровските промени во Барселона.

Во својата играчка кариера, Унзуе настапуваше за Осасуна, Севилја, Тенерифе, Овиедо и за Барселона за која во две сезони одигра само пет натпревари.

Додека на клупата на Барселона беше Франк Рајкард, Унзуе во клубот беше тренер на голманите. Самостојно ја водеше Нумансија и Расинг Сантандер, а потоа во 2013 година Енрике го повика да му биде помошник во Селта. Заедно со Енрике, Унзуе потоа дојде во Барселона во 2014 година.

Веќе одреден период Унзуе е „планот Б“ во Барселона за евентуалната смена на клупата, а според последните најави, тој може многу наскоро да стана е прв човек на клупата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top