Келиен Конвеј со доаѓањето на Доналд Трамп за претседател на САД, стана една од најмоќните жени во светот. Трамп минатото лето ја повикал во тимот за изборна кампања, а таа многу брзо ги зела работите во свои раце, успешно придобивајќи ги американските жени и помагајќи му на Трамп да оствари триумф. Сега Трамп ја назначи за советничка и со тоа ја направи најважна соработничка во Белата куќа и една од највлијателните жени во светот, пишува германски Фокус.
Келиен израснала во скромни услови. Таткото, по потекло Ирец, бил камионџија и го напуштил семејството кога таа имала две години. Мајката, Американка со италијанско потекло, работела во казино.
Како тинејџерка, Конвеј со години заработувала за џепарлак берејќи боровинки, а како една од најбрзите берачки на свои 15 години е прогласена за „Принцеза на боровинките“ во Њу Џерси.
Студирала право и политички науки во Вашингтон и на Оксфорд. Во 1995 година го основала институтот за истражување на јавното мислење „Полинг компани“, а во август 2016 година станува дел од тимот за Трамповата изборна кампања. Важи за ладна и непоколеблива личност.
– Се движам во машки свет. Но да не се лажеме, преку ден и самата сум машко, изјавила таа.
Трамп го запознала во 2001 година, кога со сопругот купила стан во Трамповата кула.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.